Вардар ја почна сезоната со натпреварите во Суперкупот и настапот на Струшкиот турнир. Следна дестинација е Магдебург на „Хумел Купот“, а тренерот Веселин Вујовиќ на денешната прес-конференција зборуваше за своите очекувања оваа сезона, но и првите настапи на тимот.
„Средбите од Суперкупот и турнирот во Струга дојдоа многу рано, но не се жалиме. Мечот во Суперкупот го игравме со играчи со кои веројатно ќе играме во домашното првенство, според пропозициите. Што се однесува до тимот, последен се приклучи Гурбондо. Недостасува уште Ставревски кој беше со јуниорите. Одиме со најсилен состав во Магдебург и ќе се обидеме да го освоиме турнирот, иако Магдебург е фаворит. Потоа не чекаат дуелите со ППД Загреб. Полека го воигруваме тимот“, вели популарниот Вујо.