Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) бара државата итно и трајно да овозможи он-лајн игри на среќа преку сајтовите на македонските лиценцирани обложувалници.
„Пандемијата и мерките кои ги превзема државата за заштита од Ковид-19 сериозно влијаат на работата на спортските обложувалници. Конкретно, само во изминатите два дена драстично е намален прометот во објектите. Ние целосно ги разбираме и почитуваме мерките и протоколите за работа, но сето ова ги доведува во прашање опстанокот на бизнисот и ги загрозува работните места на вработените во спортските обложувалници. Од тука, сметаме дека он-лајн игрите на среќа се безбедно решение за играчите и одржливо решение за нашата индустрија која има силен социо-економски придонес во државната економија, особено во ситуација на актуелната пандемија со која се справуваат државата и светот“, велат од АСОМ.
Уредбата која Владата ја донесе минатата година, а со која времено се овозможи он-лајн игри на среќа преку македонските лиценцирани сајтови се покажа како одлично решение за бизнисот и за државата. Уредбата придонесе спортските обложувалници да ги задржат сите вработени, но и да се овозможи прилив на средства во државниот буџет и кревката економија погодена од ковид кризата. Таа се покажа како одличен механизам за одржливост на оваа стопанска гранка која вработува околу 3.500 луѓе и придонесува во државниот буџет со над 250 милиони евра годишно.
Во периодот додека на важност беше Уредбата, според пресметките на АСОМ, од мај до декември 2020 година, од 4-те посто посебна давачка за он-лајн се слеале околу 35 милиони денари, а од 15-те посто данок на личен доход, околу 65 милиони денари, или вкупно 100 милиони денари за пет месеци, само од он-лајн. Перспективно, само од оваа услуга, државата би инкасирала многу поголеми средства во буџетот.
„Непреточувањето на Уредбата во трајно законско решение придонесе играчите повторно да се вратат на странските сајтови, со што го избегнуваат данокот на личен доход кој изнесува 15% на секоја остварена добивка. На овој начин парите за данокот, наместо во буџетот, се одлеваат надвор од државата. Според податоците со кои располагаме, станува збор за 40 до 50 милиони евра годишно, а ова се средства кои се од значаен интерес за домашната економија, задржување и отворање на нови работни места и инвестиции#, велат од АСОМ и потсетуваат дека и пред истекот на Уредбата, во декември минатата година, АСОМ бараше од Владата и институциите истата да ја преточат во трајно законско решение, но за жал иако беше ветено, тоа не се случи.
Дополнителна придобивка од воведувањето на он-лајн игрите на среќа преку домашните лиценцирани сајтови е превенција од нелегално спортско обложување на странски сајтови, кое е спротивно на Член 19 од Законот за игри на среќа и не гарантира никаква безбедност во однос на уплатите и исплатите, но беше и за жал сé уште е пракса помеѓу играчите.
„Земајќи ги предвид сите овие аргументи, бараме од Владата во најкус можен рок, со Уредба или соодветно законско решение да им овозможи на македонските лиценцирани обложувалници да приредуваат он-лајн игри на среќа, дотолку повеќе што ние сме една од ретките земји во која, во време на дигитализација, оваа услуга не е достапна#, истакнуваат од АСОМ.
За потсетување, Владата ја донесе времената Уредба со која се овозможи он-лајн спортско обложување преку сајтовите на македонските лиценцирани обложувалници на 24 април, 2020 година со важност до 22 декември. Уредбата поттикна инвестиции во софтер, хардвер и маркетинг за он-лајн обложување кај домашните лиценцирани спортски обложувалници, средства кои, доколку повторно не се овозможи он-лајн услугата излегува дека се залудно вложени.
Инаку, секоја година од индустријата на игри на среќа државниот и локалните буџети инкасираат повеќе од 250 милиони евра. Тука се вклучени директни и индиректни приходи, придонеси и даноци за плати, закуп на деловен простор. Воведувањето на он-лајн игрите на среќа преку домашните лиценцирани обложувалници ќе значи дополнително зголемување на овие средства, односно уште поголем прилив во државниот буџет и повеќе средства кои понатаму се вложуваат во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Ова е особено важно во време кога државата се соочува со здравствена криза, која ја разниша економијата тука и секаде во светот.