Пишува: Зоран Ѓоршоски
Кога на еден дерби натпревар, и тоа пред 2.000 гледачи, добра бројка со оглед на ковид – мерките, ќе се постигнат шест голови, кога ќе има многу пресврти, кога ќе се одигра фајтерски на гол повеќе и од двете екипи, е тоа дерби е БЛЕСКАВО ДЕРБИ.
Оваа констатација важи за вчерашниот меч во Штип меѓу Брегалница и Шкендија. И на крајот, во таа 92.минута, дербито беше зачинето со фантастичен гол на Дујовски за конечни 3:3.
Сите вчера што беа на стадионот под Исарот и кои што во живо го следеа дербито, беа привилегирани среќници зошто одамна во ПМФЛ не сме имале ваков меч.
Затоа и едно големо БРАВО и за Брегалница и за Шкендија.
Тетовци конечно во финишот се разбудија. Имаа и водство од 3:2, но ете тој Дујовски им ја одзеде победата.
ШКУПИ ЛЕСНО СРЕДЕ БИТОЛА
Шкупи лесно, можеби и полесно од очекувањата дојде до победата на гости кај Пелистер. Во 7.минута веќе беше 2:0 и по тоа битолчани едноставно немаа што да бараат против квалитетниот состав на Гоце Седлоски, кој иако играше шеесетина минути со играч помалку, знаеше без многу мака и рутинирано да дојде до три бода.
Академија Пандев ја расипа забавата во Кавадарци. Тиквеш првпат по 17 години играше на својот стадион прволигашки натпревар и просто “изгоре“ во желбата. Бадијала шансите, агресивноста, на крајот се се сведува на тоа кој победил, а победи А. Пандев која и натаму е лидер на табелата.
Работнички и Струга Трим Лум одиграа просечен меч. Во првиот дел гостите беа подобри, а во вториот домашните како да беа со повеќе желба. Сепак на крајот 0:0, најреален исход.
КОГА МАТЕУС ЌЕ СТАВИ ТОЧКА…
Македонија ЃП просто го растури Скопје и тоа со 5:1. Сепак, да не заборавиме дека резултатот беше откриен од пенал, а потоа се беше полесно за “лавовите“. Добра игра против Скопје, голема ефикасност и кога еден Матеус, напаѓач од Бразил, ќе стави точка на мечот со прекрасен гол, се чини дека тука нема дилеми кој беше многу, многу подобар.
Ренова ја искористи шансата. Триумф и над Борец. Три меча во Тетово, две победи и едно реми, дури сега “гипсарите“ можат да жалат како тоа пропуштија шанса на стартот од сезоната да го победат Скопје, тогаш беше 1:1.
Но, и вака е добро. Седум освоени бода од девет можни и делба на првата позиција на табелата заедно со А. Пандев и Шкупи.