Во Италија кружат информации дека Милан се заинтересирал за напаѓачот на Монако Пјетро Пелегри. 20-годишниот напаѓач беше сензација во Џенова кога урна неколку рекорди, стана и најмлад стрелец на два гола на меч во Серија А со 16 години и 184 денови. Во јануари 2018 направи трансфер во Монако за 21 милион евра меѓутоа кариерата не му тргна нагоре затоа што често се повредуваше, а имаше и операција на препоните поради која беше надвор од фудбалот една година.
„Футмеркато“, „Скај Спорт Италија“ и уште неколку медиуми информираат дека Милан сака да го позајми младиот напаѓач. Договорот на Пелегри со Монако истекува на крајот на оваа сезона, тој треба да ја продолжи соработката со клубот од кнежевството, а потоа да отиде на позајмица во Милан.
Со тоа ќе им се приклучи на ветераните Ибрахимовиќ и Жиру во нападот на Милан во новата сезона.
Во меѓувреме Милан го договори трансферот на Алесандро Флоренци од Рома. Тој доаѓа на позајмица со можност за откуп на договорот на крајот на сезоната. Наскоро се очекува и официјална потврда на овој трансфер.