Нефи Усеини: Воска Спорт е сериозен проект на долги патеки, нашите амбиции се големи!

3987

Воска Спорт, клубот од Охрид, е хит ова лето во мак – фудбалот. А како и не би бил, кога до вчера беше во Трета лига а во изминатиот месец во пријателски мечеви ги победуваше Македонија ЃП, Борец… етаблирани наши прволигаши, си поигруваше и со клубови од елитната лига на Албанија, како Егнатија на пример.

Овој клуб во следната сезона ќе се натпреварува во ВМФЛ – ЗАПАД, и веднаш јавноста ја потенцира Воска Спорт како еден од фаворитите за самиот врв на табелата и пласман во Првата лига на Македонија.

Па, добро, која е таа Воска Спорт? Одговор на ова прашање специјално за “Спортмедиа“ дава Нефи Усеини, познат бизнисмен од Охрид, првиот човек на клубот, најзаслужниот за овој подем на клубот од Охрид.

Па, јас сум горд на клубот. Воска Спорт е сериозен проект на долги патеки. За две години од општинска лига стигнавме до Втора, и верувајте, нема да застанеме тука. Нашите амбиции во ВМФЛ – ЗАПАД и воопшто како клуб, се големи. Во новата сезона која стартува за некој ден, очекувањата се да бидеме во горниот дел на табелата. Ако ни се укаже шанса за влез во елитата, секако дека нема да ја испуштиме, максимално ќе ја искористиме“ вели Усеини.

 

ИМАМЕ СИСТЕМ НА РАБОТА КОЈ ОДЛИЧНО ФУНКЦИОНИРА

Не е лесно да водиш клуб, посебно во Македонија, и посебно клуб кој има големи амбиции. Но, кога работите се поставени на своето место, тогаш се е полесно.

Во нашиот клуб Воска Спорт воспоставен е систем на работа кој и тоа како одлично функционира. Хиерархијата секој ја почитува. Секој си ја знае својата работа и секој одговара за сработеното. Од економот па до највисокото раководство, сите ние функционираме како еден, се во насока екипата да има успех. Мора така, ако сакаме клубот да напредува. А верувајте дека напредува од ден на ден. Затоа и на почетокот реков дека сум горд што ете сум на чело на Воска Спорт“ констатира претседателот на клубот.

Само што влезе во ВМФЛ – ЗАПАД, клубот одлучи шеф на стручниот штаб да биде Раде Цицмиловиќ, познат наш тренер кој имаше успеси во Беласица и Тиквеш.

Можам да кажам дека имаме одличен стручен штаб кој си ја знае својата работа. Јас лично имам целосна доверба во него и во играчите. Успеавме да ангажираме повеќе квалитетни и познати фудбалери, осетно се засиливме и затоа и сум оптимист во пресрет на новата сезона во ВМФЛ – ЗАПАД. Имено за кусо време направени се доста добри работи во тимот“.

САКАМЕ ВОСКА СПОРТ ДА ИСПИШЕ ИСТОРИЈА

Усеини не крие дека сепак треба и време за да се достигнат амбициите, не може се преку ноќ. Но тој е голем оптимист, верува во себе и во сите во клубот.

Свесни сме дека имаме нов тим, дека треба време да дојдеме до посакуваните и очекувани резултати, но ќе повторам, ние ќе се бориме за горниот дел на табелата. Сакаме да испишеме историја, нешто што досега никој го нема направено во нашиот фудбал. А тоа е за само три години да влеземе од четврта во прва лига. Дали ќе успееме? Е, па ќе видиме на крајот од сезоната, некаде во мај. Важно е да продолжиме со напорна работа, секојдневно. Само така може да се дојде до посакуваниот резултат“.

ИНФРАСТРУКТУРА, МЛАДИНСКА ШКОЛА,  ЖЕНСКИ КЛУБ…

Усеини се пофали дека Воска Спорт како клуб обрнува големо внимание и на другите сегменти, не е само првиот тим.

Ние како клуб инвестираме во младинската школа. Сакаме истата да ја подигнеме на највисоко можно ниво. Од тука да црпиме  квалитетни играчи за сениорскиот тим. Инвестираме и сакаме и понатаму да инвестираме и во инфраструктурата. Да им овозможиме одлични услови за работа како на првиот тим, така и на младинската школа. На крајот да споменам дека имаме формирано и женски клуб кој ќе игра во втората женска лига. Од сето ова кажано мислам дека може да се заклучи дека Воска Спорт е сериозен проект, она што го напоменав на почетокот, и дека допрва ќе се слушнат убави работи за нашиот клуб. И сосема за крај, ние ќе биде тие кои максимално ќе го почитуваат фер-плејот. Сите наши противници кои ќе ни гостуваат ќе бидат дочекани и испратени како што доликува на еден добро организиран клуб“ заклучи Нефи Усеини, првиот човек на Воска Спорт.

ПретходноАрсенал плати дури 24 милиони фунти за голманот Рамсдејл!
СледноТричковски и новата сезона ја почна со гол, овој пат во мрежата на Шишковски (ВИДЕО)