Почнува Серија А – Пандев, Елмас и Нестор на сцената на најнеизвесната лига во Европа

255

Финансиската криза ги принуди најголемите клубови во Серија А да се откажат од најголемите ѕвезди. Интер остана без Ромелу Лукаку, Ашраф Хакими, Милан остана без Џиџи Донарума… А немаше бомбастични трансфери. Штом Јувентус реши да го донесе Локатели и тоа на позајмица со можност за откупи за 35 милиони евра на пет рати тогаш јасно е дека финансиската ситуација во клубовите на Апенините не е добра.

Сепак, Италија неодамна стана европски шампион, а континенталната круна е само доказ дека во Серија А се крие фудбалска интелегенција која мора да се почитува. Никој не знае што ќе се случува во новата сезона, шампионот Интер драстично го промени ростерот, па дури го смени тренерот (Конте замина, а дојде Симоне Инзаги). По неуспешниот експеримент со Андреа Пирло, Јувентус го врати Макс Алегри.

Жозе Мурињо седна на клупата на Рома и го направи најголемиот трансфер во Италија ова лето – го донесе Тами Абрахам за 40 милиони евра. На другата страна Лацио се потпра на Маурицио Сари.

На терените во италијанската Серија А ќе гледаме и македонски фудбалери. Тука се репрезентативците Горан Пандев, Елиф Елмас и Илија Несторовски. Пандев одлучи да одигра уште една сезона во Џенова, од Елмас се очекува повеќе и подобри настапи за Наполи, а од Несторовски повеќе голови во дресот на Удинезе.

Во првото коло Пандев и Џенова ќе му се спротистават на Интер и тоа на „Меаца“. Нестор и Удинезе ќе бидат домаќини на Јувентус.

По она што го располагаат тимовите во моментов, може да се каже дека ќе гледаме интересна и неизвесна сезона. Интер, Јувентус, Милан, Рома, Наполи, Аталанта повторно ќе атакуваат на врвот, можеби некој друг ќе може да се вмеша во борбата за „скудетото“ – ќе видиме…

1.КОЛО

САБОТА
ВЕРОНА – САСУОЛО       18:30 ч.
ИНТЕР – ЏЕНОВА             18:30 ч.
ЕМПОЛИ – ЛАЦИО         20:45 ч.
ТОРИНО – АТАЛАНТА    20:45 ч.

НЕДЕЛА
БОЛОЊА – САЛЕРНИТАНА         18:30 ч.
УДИНЕЗЕ – ЈУВЕНТУС     18:30 ч.
НАПОЛИ – ВЕНЕЦИЈА    20:45 ч.
РОМА – ФИОРЕНТИНА 20:45 ч.

ПОНЕДЕЛНИК
КАЉАРИ – СПЕЦИЈА      18:30 ч.
САМПДОРИЈА – МИЛАН             20:45 ч.

ПретходноНовиот дрес на Ајакс е вистински хит! (ФОТО)
СледноАрсенал плати дури 24 милиони фунти за голманот Рамсдејл!