За разлика од минатото лето каде поради пандемијата клубовите беа внимателни и не трошеа огромни пари, ова лето повторно се ангажираат фудбалери и за нив се плаќаат многу финансиски средства. Тоа посебно се однесува на премиерлигашите кои одново доминираа на трансферниот пазар. Во досегашниот летен преоден рок премиерлигашите потрошија повеќе пари од сите клубови од Серија А, Бундес лига и Ла Лига ЗАЕДНО!
Заклучно со вчерашниот ден премиерлигашите за ангажмани на нови фудбалери потрошиле приближно 1,1 милијарди евра или во просек секој клуб трошел нешто повеќе од 50 милиони евра.
Клубовите од Серија А досега потрошија приближно 450 милиони евра или по 22,5 милиони евра во просек по клуб.
Бундеслигашите потрошија нешто помалку околу 345 милиони евра, оние од Ла Лига најмалку, „само“ 195 милиони евра (дури француските клубови потрошија повеќе за засилувања). Сите заедно 990 милиони евра што е многу помалку од 20-те клубови што се натпреваруваат во англиската Премиер лига.