Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција посочи дека повторно ќе биде отворен спортскиот центар „Борис Трајковски“ како пункт за вакцинација. Министерот, сепак, посочи дека тоа нема да биде големата сала каде што во моментов се одржуваат спортски настани, туку малата сала со цел да се избегнат гужвите пред Здравствените домови.
„Имајќи го предвид притисокот во среда или најдоцна во четврток неделава повторно ќе се отвори салата Борис Трајковски зашто дел од вработените во Здравствен дом коишто беа на годишни одмори ги прекинаа и порано за да дојдат и да ја стават салата во функција. Сега ќе биде онаа помала сала, не големата. Меѓутоа, ќе има околу 20-тина места кадешто ќе може да се спроведе вакцинацијата и верувам дека тоа ќе ги растерети гужвите и редовите коишто ги имаме пред Здравствените домови“, изјави Филипче.