КОМЕНТАР НА 4.КОЛО: “Лудо“ беше во Струга, шампионот се покажа, “пандевци“ први на табелата…

380

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Кога на едно дерби ќе видиме шест голови, кога резултатот ќе биде 4:2, кога ќе има 4+1 пенали, па 10 жолти и еден црвен картон, секако тоа било “лудо“ дерби. Ах, да, да не заборавиме и на хет-трикот на Босанчиќ. Секако дека тука мислиме на вчерашниот меч во Струга меѓу Струга Трим Лум и Шкупи. И најпосле да не заборавиме дека имаше петминутен прекин поради инцидентот на трибините.

Па, што сакаме повеќе од еден дерби меч. За нас неутралните тоа беше меч за уживање. Чаирчани не замо што го примија првиот гол сезонава туку примија потоа уште три. Од друга страна стружани покажаа и докажаа дека и оваа сезона ќе се прашуваат во ПМФЛ, и тоа како.

ШКЕНДИЈА СИ ГИ СКРОТИ “ЛАВОВИТЕ“, ПО ОБИЧАЈ…

Конечно, конечно Шкендија почна барем малку да личи на себе. Да се разбереме, не му беше лесно на првакот. На 1:0 гостите од Ѓорче имаа повеќе шанси, имаа и зицери, спасуваше Захов, но на крајот кога ќе победиш со 4:0 се се заборава. А Шкендија по обичај си ги скроти “лавовите“. Дури сега тетовци ќе бидат опасни, посебно ако се знае дека во сабота гостуваат во Битола кај немоќниот Пелистер.

Во второто дерби во ова коло, меѓу А.Пандев и Ренова повторно добар фудбал, повторно пресврт и повторно незадоволство од судењето. Денеска свој став имаа “гипсарите“, но имаше и тренерот на струмичани Александар Васоски, кој покрај другото рече дека овие протести наликуваат на хајка против А. Пандев.

Тим кој што сега се перчи од првата позиција на табелата во ПМФЛ.

БРАЌАТА СТАНКОВСКИ ДОНЕСОА ТРИ БОДА

Работнички го победи Тиквеш со 2:1, и тоа со головите на Марио и Лука Станковски. И тука имаше пенали, и тоа два. По еден за домашните и гостите. Ова беше втор триумф на “романтичарите“ сезоната, и сега со седум бодови се во горниот дел на табелата.

На Скопје му беше доволен само еден гол, оној на Јашаровски за три бода против Пелистер. “Пиратите“ се радуваат на првата победа а Пелистер никако да освои барем бод, никако да постигне барем еден гол, а минаа четири кола. Тешко ќе им биде на битолчани сезонава, засега се најсериозниот кандидат за испаѓање.

И во Велес меч по кој и двете екипи, и Борец и Брегалница не се задоволни со ремито, со бодот. Борец зошто водеше до 90+3.минута, а Брегалница зошто прими онаков “пацерски“ гол како кога играат деца во градинка.

ПретходноСавевски стартува со екипата на Алкалоид
СледноТИМ НА 4.КОЛО: Босанчиќ трипати го “тресеше“ Шкупи…