Вардар 1961 во финалето на „Хумел Купот“ против домаќинот Магдебург покажа низа слабости, особено во второто полувреме. Во првите 15. минути од овој дел, ракометарите на македонскиот првак постигнаа само два гола, доволно да се вклучи алармот пред првата четвртфинална пресметка против ППД Загреб.
А токму кога станува збор за оваа средба, Веселин Вујовиќ и неговите момци ќе треба добро да се подготват. Хрватскиот тим го освои 52-от меѓународен ракометен „ТВ турнир на шампионите – Добој 2021“, откако во финалето беше подобар од Војводина со 27-19. И не е само ова, најдобар играч на ППД Загреб беше токму екс-вардарецот, Иван Чупиќ, мечот го заврши со осум погодоци.
Играта на Чупиќ е добро позната на староседелците на македонскиот првак, но тие сега се во многу помал број, па ќе мора добро да ги засукаат ракавите и да подготват добра одбрана, оти на Чупко теренот во СЦ „Јане Сандански“ му е одлично познат.
Првата средба меѓу Вардар и ППД Загреб е закажана за 26. овој месец.