Српскиот дефанзивец Никола Максимовиќ реши да остане во Италија, меѓутоа во друг клуб. Фудбалерот одлучи да го напушти Наполи каде што не се изнаигра и ја прифати понудата на Џенова каде што ќе му биде соиграч на маестралниот Горан Пандев.
Максимовиќ имаше понуди од Лацио, Вест Хем, Марсеј, Бетис и уште неколку клубови, но одлучи да игра за Џенова каде што го привлече првотимскиот статус. Србинот се договорил со Џенова за четиригодишен договор, а ќе дојде како слободен играч.
Џенова досега ги донесе голманот Салваторе Сиригу, потоа напаѓачот Екубан, десниот бек Сабели, а наскоро се очекува и пристигнувањето на крилото Мохамед Фарес од Лацио на позајмица на една сезона.