Пишува: Зоран Ѓоршоски
Кога во јули 2017 година, во реванш мечот од 2.квалификациско коло во ЛШ, Вардар во Струмица го победи Малме со 3:1 и се пласира во следната рунда, кој ли само можеше да претпостави дека за четири години, вардарци ќе гостуваат со младинци во Дебар во меч од ВМФЛ – ЗАПАД, а швеѓаните ќе слават пласман во групната фаза во ЛШ.
Кој?
Буквално никој…
Но, во фудбалот работите се менуваат многу брзо. Подоцна тоа лето Вардар стана прв, и засега единствен, клуб во Македонија кој играл во групната фаза, тоа беше во Лигата на Европа.
А, сега?
Сега, поточно денеска, Вардар ќе игра со Кораби во Дебар и тоа со младинци, а Малме синоќа се радуваше на пласман во “фудбалскиот рај“.
Ете, тоа е мало потсетување и споредба каде беа Вардар и Малме во тоа лето 2017 година, а каде се сега.
Го дочекавме и тој ден, фановите на Вардар засекогаш ќе го паметат 25 август 2021 година, кога нивниот омилен клуб ќе игра меч во Втората лига. И ништо страшно, па и поголеми клубови од Вардар, како Милан, Јуве и други, играле во втората лига.
Страшно е тоа што место по тоа лето 2017 година Вардар да се дигне во европските височини, овој клуб “тресна“ на земја и тоа јако. Јако е ова “трескање“, за памет на сите што се во и околу Вардар.
Сега на потег е новото раководство да го врати Вардар таму каде што треба. И ние, што не сме фанови на Вардар, сакаме овој клуб, најголемиот, најтрофејниот во Македонија, во блиска иднина одново да биде во Европа, во фудбалскиот “крем“.
Дотогаш ќе пишуваме дека Вардар игра дерби со Кораб, Беса, Велешта, Охрид, Кадино… и ќе стравува од Воска Спорт, Силекс, Тетекс.
И на крај. Вардар попладнево во Дебар со Кораби и дефинитивно ќе игра со младинци. Не може да ги регистрира новите имиња поради случајот „Жуниор“. Вардар го плати долгот од 49.000 евра за Бразилецот кој имаше поднесено тужба, но до денеска до 12 часот немаше сеуште одговор од ФИФА.