Англискиот премиерлигаш Барнли ги засили своите редови со напаѓачот од Брегот на Слоновата Коска Максвел Корне. Барнли за неговите услуги му плати на Лион 15 милиони евра, а фудбалерот потпиша петгодишен договор.
Корне е „дете“ на Мец, а од 2015 до сега играше за Лион. Има играно за младинските категории на Франција па продолжи за А селекцијата на БС Коска (21 настап – четири гола).
Ова е еден од најголемите трансфери на Барнли. Рекордот го држи бекот Бен Гибсон кој во 2018/19 дојде од Мидлсбро за 17 милиони евра. За Крис Вуд во 2017 година се платени 16,5 милиони евра, а за левото крило Роби Брејди од Норич 15,1 милион евра. Корне е на четвртото место.
Што се однесува до ова лето, Барнли се засили со бекот Нејтан Колинс од Стоук (14 милиони евра), Арон Ленон и Вејн Хенеси дојдоа како слободни играчи од Кајзери односно Кристал Палас.