Либерото на нашата одбојкарска репрезентација, Дарко Ангеловски, во пресрет на првиот меч на Европското првенство против домаќинот на групата, селекцијата на Финска, вели дека оваа селекција е многу поискусна од онаа која пред две години дебитираше на континенталните собири.
„Првиот натпревар на првото европско првенство го игравме против Финска и бевме во грч затоа што дебитиравме на европската сцена. Вторпат отвораме со Финска, со тоа што сега сме поискусни за две години. Фокусот ни е најмногу на Финците, а потоа ќе ги гледаме другите противници и ќе се подготвуваме за да оствариме позитивни резултати“, вели Ангеловски.
Македонските одбојкари веќе два дена се во Тампере каде денеска имаа два тренинзи, а утре ќе го имаат и официјалниот тренинг пред првиот меч на шампионатот.
фото: cev.eu