КОМЕНТАР НА 5.КОЛО: Чаирчани го запоседнаа врвот, уште едно ШОУ во Штип, толку од Пане…

2255

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Откако го “торпедираа“ Скопје во градската пресметка со 4:1, момците на Гоце Седлоски до 12 септември ќе се перчат на врвот на табелата. Шкупи против “пиратите“ едноставно одигра како што му личи на еден голем фаворит, голем тим. Па така сега по 5.коло чаирчани се на врвот, користејќи го поразот на А. Пандев во Штип. Но за тој меч малку подолу во коментарот.

Имено на “Борис Трајковски“, барем според записникот на службените лица, имало и “трето полувреме“. Во главна улога биле тренерот на Скопје, Љупчо Марковски и стоперот Дино Најдоски. Тие се исклучени и секако дека ги чека дисциплинска мерка.

ШТИПЈАНИ УЖИВААТ, ДА ИМ ПОЗАВИДИШ…

Брегалница – А. Пандев беше дербито на колото. Меч кој во целост ги оправда очекувањата. Брегалница одигра уште еден шокантен натпревар, фановите од трибините проследија уште еден одличен меч со среќен крај. И тоа благодарение на Марјан Алтипарковски кој во 90+3.минута постигна гол за победа, за три бода, за конечни 3:2 Просто да им позвидиш на штипските фнови кои уживаат во фудбалските мечеви. Уште еден податок,само Брегалница и Струга Трим Лум се без пораз во изминатите пет кола, секако дека тоа нешто кажува.

Кога сме кај стружани, тие одиграа солидно во Кавадарци и извлекоа бод кај Тиквеш.

Добар резултат е тој 1:1.

Во Кавадарци „врие“. Незадоволството е големо. Се чини дека толку од досегашниот тренер Пане Блажевски. Тој е пред отказ. Можеби е и сменет додека ги читате овие редови драги читатели.

Статусот на ФБ на градоначалникот кажува многу.

Толку од Пане.

ШКЕНДИЈА СЕ “ТРЕСЕШЕ“ ВО БИТОЛА

Никој, ама баш никој не помисли дека токму Пелистер, кој претходно немаше дадено гол, дека ќе и зададе толку проблеми на Шкендија. Мечот заврши со резултат 2:2, но со двата гола на Јуфо,инаку екс- играч на тетовци, Пелистер имаше и водство од 2:1. Не го отпишувајте овој Пелистер, никако.

Ренова и Работнички одиграа 1:1. Меч во кој “гипсарите“ доминираа, имаа повеќе шанси, но затоа тука беше голманот на “романтичарите“ Ристе Јанков кој успеа да однесе бод во Градски парк. Секако и пенал – голот на Марио Станковски е важен.

И на крај, а можеби требаше на почеток, Ермедин Адем. Играчот за врска на Македонија ЃП постигна хет-трик против Борец и речиси сам ги победи велешани. Некој ќе каже дека два од тие три гола беа од пенал, сепак гол си е гол.

И тука Борец покажа дека е жилав и тврд противник кој може секому да му направи проблеми.

Сега следува пауза до 12 септември. Датум на кој се играат сите мечеви од 6.коло и кој ни ја носи супер – пресметката, мега – дербито меѓу Шкендија и Шкупи во Тетово.

Уф, едвај чекаме….

ФОТО: FC Shkupi facebook

ПретходноВардар ги пушти во продажба сезонските билети, истите можат да се купат под посебни услови
СледноРепрезентативец на Португалија уапсен поради силување