Костоски: Гостивар ти благодарам

286

По три години минати во дресот на Гостивар, Александар Костоски одлучи да го напушти тимот.

Поранешниот македонски репрезентативец емотивно се збогува со градот, фановите и сите оние кои се дел од оваа кошаркарска приказна. Тој се заблагодари на Марјан Србиновски, кој го донесе во овој клуб, како и на челниците кои имале разбирање за неговата одлука да си замине.

„Јавно испраќам благодарност до сите кои ги сретнав за сите овие три години поминати во Гостивар. За сите луѓе кои ги запознав и остварив било каков контакт, професионален или личен. Навистина ова беше една преубава приказна полна со секакви моменти, некогаш добри, некогаш лоши, но главно секогаш спортски и пријателски. Гостивар е град со кој се поврзав на секаков можен начин, таму сретнав многу пријатели, таму ја запознав и личноста, човекот, жената на мојот живот и за мене Гостивар многу значи и ќе значи целиот живот.

Благодарност до тренерот Александар Јончевски кој излезе голем човек во целата оваа ситуација која не беше нималку лесна да се чуе, прифати и разбере. До луѓето во управата кои сето ова го прифатија пред се човечки и професионално и без никаков проблем ја разбраа мојата одлука и ме поддржаа и дозволија без никакви проблеми и негодувања да продолжам понатаму.

Морам да го спомнам во моето обраќање и човекот кој ме донесе тука, тоа е Марјан Србиновски, заради него прифатив многу работи и предизвици за кои воопшто не се каам и сум горд за се што направивме. Имавме поголеми амбиции кои не успеавме да ги оствариме, но, сепак, оставивме позитивен впечаток во градот кој ја сака кошарката. Тука е и Бали Саити, за кого нема потреба да се трошат зборови, тој е човек, другар, пријател за навек, мој брат што го сакам и почитувам и секогаш ќе биде така.

За крај, огромно благодарам и до нашите симпатизери, навивачи и луѓе кои го поддржуваат проектот Гостивар и не бодреа и поздравуваа на и надвор од теренот. Се надевам дека еден ден повторно ќе се сретнеме и ќе имаме убави моменти, заедно ќе се радуваме и ќе тагуваме. Гостивар, ти благодарам за се“, вели Костоски.

ПретходноЏашон Смит и Леонид Тодоровски нови имиња во Навико Академија ФМП!
СледноФалангата од утре може да купува билети за ЕП 2022