Одбојкарите утре почнуваат нова епизода од својата репрезентативна историја. Македонија по вторпат е на завршницата на континенталните собири, овој пат поискусна, посмирена, но со засилен апатит за уште подобар пласман од оној кој го имавме пред две години во Словенија.
Генерацијата предводена од капитенот Никола Ѓорѓиев е пред нов голем предизвик, овој пат да докаже дека не случајно, овој репрезентативен собир веќе две првенства едноподруго е во друштво на најдобрите 24 одбојкарски селекции на Стариот континент. Ѓорѓиев по првите денови од престојот во Тампере, смирено, го анализира нашето второ учество на континенталните првенства, со акцент на очекувањата и нашите можности оваа година.
„Очекувам да играме подобра одбојка од пред две години и да покажеме дека сме позрели и поискусни. Тоа ќе го видиме уште на првите натпревари. Нашиот сон е пласман во втората фаза, но за тоа да го направиме ќе мора многу да се испотиме“, вели Ѓорѓиев.
За Македонија првиот предизвик ќе биде Финска. Домаќинот на групата ќе биде првата пречка против која ќе видиме колку сме зрели за успех на ова ЕП.
„Финска ни пред две години, ни сега е посилна од нас. Тие играат прилично досадна одбојка, која што има доста пласирања, игра на втора топка, многу префрлаат, така што многу работи ќе зависат од нас. Пред две години направивме многу грешки и загубивме само поради нас самите. Оваа година ќе мора да ги поправиме и со голема верба во себе, мора да ги победиме. Тие се некако убедени дека веќе победиле затоа што се домаќини, но ќе им покажеме дека не е така“, дополни нашиот капитен.
За крај се наметна и клучното прашање: Дали сме зрели за поголем успех од само настап на еден европски собир на најдобрите?
„Мое мислење е дека сме зрели. Ние со овие момци имаме многу натпревари зад себе. Имаме и многу победи и многу порази. Кога сето тоа ќе се собере, со ладна глава со мирни мисли, но со голема храброст ќе направиме еден чекор повеќе од минатото ЕП и да ја однесеме Македонија во осминафиналето, а потоа ќе размислуваме за понатаму“.
Утре во 19 часот Македонија го има првиот дуел во Тампере. Финска е нашата шанса, но само една од петте во групата. Среќно момци!
фото: cev.eu