Македонија и Финска попладнево во Тампере (18 ч.) ќе ја имаат честа да го отворат 32. Европско првенство во одбојка кое годинава се одржува во четири земји: Финска, Естонија, Полска и Чешка. Во реприза на она што за нас се случи пред две години во нашето прво учество на завршницата на континенталните првенства, повторно со Финска го почнуваме походот на осминафинале на ЕП.
Ако за нас ова е само второ учество на европските шампионати, Финците денеска го почнуваат својот 19-ти настап на континенталните собири, каде својот најдобар настап го имаа во 2007 година, кога беа вистинска сензација на турнирот обезбедувајќи место во полуфиналето и на крајот освојувајќи во 4. место во конечниот поредок.
Пред две години во Словенија кога успеаја да не победат на отворањето на ЕП со 3:1 во сетови, Финците завршија на 14. место, што и за нив беше еден вид разочарување, па сега пред своја публика ќе се обидат да напредуваат сериозно, па можеби и да потсетат на најдобрите денови од пред скоро 15 години.
Ние на премиерното учество на европските шампинати завршивме на 17. место и сега ќе се обидеме да бидеме сигурно во кругот на репрезентации кои ќе се борат за влез во втората фаза. Пред нас имаме исклучително силни ривали како Русија, Холандија, Турција и Шпанија. Сепак, првата и најважна пречка, се чини, е Финска.
Финците се потпираат на искусното јадро на одбојкари. Дури го вратија во репрезентацијата и 42-годишниот техничар Мико Еско, кој треба да влее голема самодоверба кај домаќините. За искуството на тимот доволно говори и тоа што вториот техничар и капитен на тимот, Тервапорти има веќе 32 години, а во тимот на Жоел Банкс е и 33-годишниот Урпо Сивула и 28-годишното либеро Лаури Керминен, кој беше прогласен за најдобар примач на ЕП 2015 година.
Македонија ја има пожртвуваноста и тимскиот дух. Предновдени од капитенот и најдобар реализатор во тимот, Никола Ѓорѓиев, искусниот техничар Деспотовски и харизматичните Љафтов, Николов, Ангеловски… нашите одбојкари денеска ќе ја чекаат својата шанса. Како што и најави вчера за „Спортмедиа“ капитенот Ѓорѓиев, треба да се има ладна глава, мирни мисли и храброст. Тоа ни е потребно за победа.
ДЕНЕСКА НА ЕП:
ГРУПА „Ц“
18.00 Финска – Македонија
ГРУПА „Д“
18.00 Естонија – Летонија