Милевски: Овие фудбалери се професионалци, добро ќе се адаптираат на новините во тимот

200

Селекторот на македонскиот национален тим Благоја Милевски, денеска на прес-конференцијата ги искажа очекувањата од натпреварот со Ерменија во квалификациите за Светското првенство 2022 година.

Тој им се заблагодари на оние кои досега настапуваа во дресот со државниот грб.

„Благодарност до оние кои беа дел од репрезентацијата, на Горан Пандев, на Тричковски и на Велкоски. Благодарност за се што направија за македонскиот фубдал, неминовно е освежување на тимот и тоа само по себе си носи одредени промени во самиот тим. Некако досега успесите се препишуваа на индивидуален квалитет, а интенцијата сега ќе ни биде на она како треба да функционираме како тим.“, посочи Милевски. 

Селекторот посочи дека е оптимист дека фудбалерите брзо ќе се прилагодат на новините кои следуваат во националниот тим.

„Јас сум отпимист дека, иако немавме доволно време, воопшто немавме време да тренираме она што бараме од секој поединец за овој и за следните два меча, но тоа е што е. Тие се квалитет, професионалци, добри карактери и мислам дека добро ќе се адаптираат на новините кои следуваат во тимот. Што се однесува до формата на играчите, се наоѓаме во периоди на почетоци на првенствата, додека некои играчи и натаму се подготвуваат. Одреден број на фудбалери немаат минутажа и вистинска минутажа, но тоа е што е што располагаме. Направивме освежувања кои беа неминовни. Грото од овие играчи ги почнаа квалификациите и тие се тука. Можеби ќе треба малку време, но се наоѓаме во процес на освежување со јасна цел да останеме конкурентни во иднина“, изјави Милевски. 

На крајот селекторот ја пофали селекцијата на Ерменија која има максимален учинок во првите три кола.

„Ерменија е доста квалитетна селекција. Се гледа работата на нивниот нов селектор. Пред себе имаме сериозен противник, сериозна задача на која ќе треба да одговориме сериозно и да дадеме максимум“, кажа Милевски. 

ПретходноРистовски: Сега сите ќе ја гледаат Македонија со други очи
СледноСензационална наградна игра „Играј без нервози и мерцедес вози“ на единствената легална платформа за интернет игри на среќа во земјава, 2win.mk