СТРУЧЕН КОМЕНТАР/ Јошко Миленковски: Нема простор за разочарување

1137

Анализата на натпреварите на македонската одбојкарска репрезентација на Европското првенство, за „СПОРТМЕДИА“ ќе биде под палката на долгогодишниот селектор на нашиот национален одбојкарски тим и еден од најтрофејните одбојкарски стручњаци во регионот – Јошко Миленкоски.


По денешниот меч со Финска и почетниот пораз од 3:1, Миленкоски вака го анализираше дуелот во Тампере:

„Генерално, одигравме на добро ниво, а играта во третиот и четвртиот, е таа која искрено ветува дека можеме и многу повеќе од ова вечерва. И пред почетокот на мечот знаев дека ќе биде многу тежок натпревар со Финска. Прво, затоа што се домаќини, одлично ја познаваат салата во која се игра мечот, а тоа е многу важно за да имате добар сервис и секако поддршката од навивачите. Со оваа победа тие веројатно одат понатаму.

Она што ме изненади беше нивната игра. Финска одигра модерна одбојка, брза, квалитетна игра, особено кога имаа резултат. Но, кога беа под притисок, правеа доста грешки. Сепак, во тимот го имаат едно од најдобрите либера на првенството, Керминен, извонредниот техничар Тервапорти, кој ја држи целата игра на тимот, како и одлични примачи кои денеска му овозможија на Тервапорти брз трансфер на топка и многу често напад на единечен блок.

Финците сервираа на високо ниво, а ние во одделни фази од играта имавме проблем со приемот, што не ни даде шанса да вратиме со добар напад. Тие во првите два сета имаа 10 блока, ние само еден. Мислам дека има два клучни моменти за загубените два сета. Во првиот сет беа оние четири блокади во серија на наше водство од 10:6, а во вториот сет онаа кардинална судиска грешка на 15:13 за Финска, а потоа и црвениот црвен картон кој резултираше со директен поен и која некако не извади од колосек.

Во третиот сет почнавме да сервираме добро и ја елиминирвме нивната брза игра. Во четвртиот сет штета што онаа серија на Љафтов на сервис беше прекината, затоа што сигурно ќе успеевме да се вратиме и за петти сет. Статистиката тоа и го потврдува. Тие не победија на блок, имаа 18 поени од блок, ние само 9. Имаа одличен прием, и одлична дистрибуција на нивниот техничар која резултираше со напад од 54%.

Генерално, атмосферата во репрезентацијата дава оптимизам како никогаш досега. Одлично е што селекторската смена не се ни почувствува, немаше некакви тактички грешки во играта и поставеноста, а и анализата на противникот се гледаше дека била добро направена. Како проблем за нас е лимитираниот ростер, кој не ни дава простор за повеќе тактички замени.

Уште еднаш ќе речам, нема простор за разочарување. Имаме два сета кои ветуваат и според мене нашата шанса се уште се Шпанија и Турција. Мора да се фокусираме да ги добиеме битните средби, токму тие против директните ривали за осминафинале. Секако, не треба да се предадеме ниту против Холандија и Русија, но фокусот, според мене, треба да биде на Шпанија и на Турција.“

ПретходноОдработен официјалниот тренинг, останува да се „обработи“ уште Ерменија (ФОТОГАЛЕРИЈА)
СледноКастрати од Динамо во Легија Варшава