Во меч во кој одигравме очајни два стартни сета во кои не функционираше ниту еден елемент од нашата игра, Македонија е поразена на стартот на Европското првенство во одбојка од селекцијата на домаќинот Финска со 3:1 (25:20, 25:15, 24:26, 25:22).
Избраниците на селекторот Николиќ одиграа добро единствено во завршницата на мечот, кога успеавме да се вратиме целосно во мечот со промената на техничарската позиција и влегувањето на Филип Деспотовски, но очигледно го немавме тој победнички дух за целосен пресрт.
Мечот го отворивме добро. Првите дваесетина поени од првиот сет ги одигравме во високо темпо и имавме предност, но потоа како се да падна во вода. Поведовме со 10:6 и дозволивме со фантастична серија Финска да ни се врати за 10:10, за кон средината на сетот да дојде и до прво водство од 16:15. Ние како да се распаднавме и до крајот на сетот само лесно се предадовме.
Во вториот сет игравме егал до 8:0. Следуваше серија на Финска за 12:9, па потоа и 15:10, која веќе беше сигнал за разврската на сетот. Додека блокот на Финска функционираше одлично, ние во целиот втор сет не успеавме да изблокираме ниту еднаш. Останавме на 15 освоени поени и и дозволивме на Финска лесно освојување на сетот со 25:15.
Третиот сет тргна со предност за домашните. Финците поведоа со 10:6 и се чинеше дека ќе ја искористат нашата анемичност за лесно да го решат мечот во своја полза. Ние, сепак, успеваме да се вратиме до 12:11, но никако да дојдеме во ситуација да израмниме. Првата шанса по еден челинџ поен ја користиме за 17:17, по што финскиот селектор Бенкс повика прв тајм-аут. Ние успеавме да поведеме со 18:17 и да го направиме сетот неизвесен до самиот крај. Финска прва дојде до сет-поен за 24:23, но направи и сервис грешка, по што успеавме да врземе два поени на сервис на Деспотовски за 26:24 за нас и намалување на 2:1.
Иако добро го отворивме четвртиот сет, следуваа катастрофални грешки и на приемот и во нападот кои резултираа со голема предност за Финска кон средината на сетот, 14:9. По тајм-аутот на Николиќ ние се вративме со серија од 5:0 за 14:14 на сервис на Љафтов. И кога требаше да продолжиме во ист ритам, нов пад. Финците прават низа од 3:0 за 17:14 и потоа умешно ја менаџираа предноста се до завршницата во која влегоа до прв меч-поен на 24:22, по што реализираа за 25:22 и победа од 3:1.
Н. Ѓорѓиев (19) и Љафтов (18) беа најдобри реализатори во нашата репрезентација, додека коректорот на Финска, Сивула доминираше кај домашните со 25 реализирани поени. Финците имаа извонреден блок и мечот го завршија со 18 реализирани блок-поени, додека ние имавме само 9, од кои 8 беа во третиот и четвртиот сет. Меѓу елементите во кои разочаравме беше и приемот каде имавме само 39% успешност.
фото: cev.eu