Михајловски за СПОРТМЕДИА: Мене ми е најтешко! Повлекување? Мора да размислуваме со ладни глави!

8802

Марија Ковачева

Вардар 1961 нема да биде дел од фајнл-фор завршницата во СЕХА-лига поради еден позитивен ракометар на Ковид-19. Македонскиот првак вчера се врати во Скопје, а неговото место ќе го земе ППД Загреб.

Одлуката на СЕХА-лига да се исклучи Вардар 1961 од битката за титулата е донесена едногласно од страна на сите членови на Управниот Одбор, секако против бил првиот човек на „црвено-црните“, Михајло Михајловски, кој ја извршува и функцијата на претседател и во регионалното натпреварување.

Тој за СПОРТМЕДИА даде кратко видување за целата ситуација, вели дека него му е најтешко.

„Нормално дека сме разочарани, верувајте мене ми е најтешко“, беа првите зборови на Михајловски, кој потоа додаде:

„Законот во време на пандемија коронавирус во Хрватска е јасен, едноставно не дозволува да се направат отстапки. Сите македонски играчи имаат примено втора доза, но само Дибиров и Георгиевски ги имаат поминато задолжителните 14 дена. Играчите мораа веднаш да се вратат во Скопје, додека позитивниот на Ковид-19 остана таму во карантин“.

Никој, ама баш никој не бил за да Вардар остане на фајнл-фор завршницата во Задар.

„Сите членови беа едногласни дека не треба да се дозволи на Вардар да игра во Задар. Веспрем дури се заканија дека нема да дојдат доколку му се дозволи на Вардар да игра на фајнл-форот. Во СЕХА-лига одлуките се носат со консензус“.

Го прашавме Михајловски дали размислува да го повлече Вардар од СЕХА-лига после исклучувањето.

„Не би коментирал сега тоа, треба да размислуваме со ладни глави. Во овој момент посакувам сите играчи да бидат здрави и да немаме проблем со коронавирус, оти за брзо време стартува Лигата на шампиони“.

Вардар 1961 токму на сметка на ППД Загреб се пласираше на Ф4 во СЕХА-лига и беше во контакт со играчите на хрватскиот тим, па оттука се поставува прашањето зошто на „плинарите“ им се дозволи да го земат местото на „црвено-црните“. Кој може да даде гаранција дека и таму нема да се појави позитивен на Ковид-19, а потоа Ф4 да стане корона-кластер.

ПретходноНека биде дебито на Милевски со ПОБЕДА!
СледноДОБРА ВЕСТ: Сите ковид тестови на репрезентативците се негативни!