Младите ги почнуваат квалификациите со тешко гостување кај Франција

194

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година денеска во 18:30 часот на ММ Арена во Ле Ман ќе го одигра воведниот меч од квалификациите за пласман на Европското првенство во Романија и Грузија 2023 година.

Селекторот Драги Канатларовски се соочува со проблеми поради отсуството на Марио Младеновски (Ботев Пловдив), Адриан Хајдари (Рапид Виена) и Димитар Тодоровски (Работнички). Тројцата поради позитивен Ковид-19 тест ќе ги пропуштат двата воведни натпревари од квалификациите за ЕП 2023. Амел Рустемоски од швајцарски Вил поради повреда заработена на клупскиот тренинг не е во можност да се стави на располагање за првиот меч против Франција.

„Очекуваме тежок натпревар, Франција е апсолутен фаворит во нашата група. Нема да се предадеме, ќе го дадеме максимумот, очекувам да одиграме на високо ниво, верувам во моите фудбалери. Се соочивме со проблем на стартот на подготовките, четворица наши стандардни фудбалери не се на располагање, но што е тука е. Останатите фудбалери тренираа одлично, ги разбираат моите идеи. Желбата за докажување е огромна. Со нетрпение го очекуваме натпреварот“, вели Канатларовски.

ПретходноДеспотовски: Ова е кремот на Европа и најмали грешки се кобни
СледноАртим Шаќири нов тренер на Шафхаузен!