Многу сакавме, малку направивме…Милевски тргна со реми!

541

Нема победа на Македонија против Ерменија. Вечерва на Арената во Скопје, во меч од 4.коло во квалификациите за СП, нашите момци одиграа само 0:0. Тоа значи дека дебито на новиот селектор Благоја Милевски тргна со реми, со бод. Искрено не бевме на посакуваното ниво, имавме желба, посед на играта, но сепак тоа беше премалку да се победи една силна репрезентација како Ерменија.

Добро го почнавме мечот. Разиграно во средниот ред, со многу додавања, со голем посед на играта. Впрочем така беше во текот на целиот прв период од играта. Можеби недостигаа прецизните центаршутеви кон Јаховиќ пред голот на Јурченко. Ерменија пак се позиционираше во средниот ред и одбраната и посакуваше со брзи контранапади да се префрли кон нашиот гол, во неколку наврати тоа и успеваше. Малку недостигаше да постигнат гол во 27.минута по киксот на Дарко Велковски, гостите беа во шанса, но спасуваше Димитриевски.

РИСТОВСКИ И ТРАЈКОВСКИ СО ШАНСИ

Што се однесува пак до нашите шанси, серија ја отвори Елмас, но непрецизно. Потоа во 29.минута Стефан Ристовски откако одлично одигра двојно со Костадинов, се најде во изгледна ситуација, убаво шутираше со глава над истрчаниот Јурченко, сепак нема гол. Следуваше шансата и ударот на Трајковски, но топката заврши за малку покрај голот. Оваа серија или наш притисок кој траеше три – четири минути, ја заврши Костадинов со удар со глава, кој заврши непрецизно. Имавме шест удари кон противничкиот гол, сепак ниту еден рамките на голот. Ерменците имаа три, но имаа и неколку опасни контри.
На пауза се замина со тие почетни 0:0.

ЕРМЕНИЈА СЕ ПООПАСНА, ЏАНИ ИСПРАТИ “БОМБА“

Во вториот дел првата голема шанса ја имаа гостите. Во таа 56.минута делувавме конфузно во одбраната, Вардарнјан имаше можност но неговиот шут не беше силен, па така Димитриевски лесно ја отстрани опасноста. Во тие моменти од трибините повици – сакаме победа. Поддршка за момците на селекторот Милевски. Од друга страна и дефинитивно Ерменија станува поопасна, поконкретна.

Во 62.минута голема шанса за Македонија, Алиоски од 20 метри упати силен шут, а Јурченко едвај, со крајни сили успеа да спаси. Штета.

Во тие моменти како да тргнуваме поодлучно во напад, со желба да се даде гол.

А гол нема, па нема.

Во финишот тргнавме и дефинитивно по победа, имаше обиди, закани, како силниот шут на Алиоски, но немавме среќа.

Квалификации за СП – група Ј

МАКЕДОНИЈА – ЕРМЕНИЈА 0:0

Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 5.000. Судија: Артур Соарес Диас (Португалија). Стрелци: Ж. Картони:Муслиу, Костадинов (МАК), Восканјан, Мкхтарјан, К. Хофанисјан (ЕРМ).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Муслиу, Велковски, Алиоски, Костадинов (83. Ашковски), Барди, Трајковски (60. Спировски), Елмас, Чурлинов, Јаховиќ (82.М. Ристовски)

Селектор: Благоја Милевски.

ЕРМЕНИЈА: Јурченко, Хамбарѕумјан, Восканјан, Калисир, К. Хофханисјан, Бичакчјан (46. Корајан), Григорјан, Удо, Варданјан (67. Спертсјан), Мкхтарјан, Адамјан (72. Шагојан).

Селектор: Хоакин Капарос.

ПретходноОФИЦИЈАЛНО: Мустафи ќе игра заедно со Барди во Леванте!
СледноГРУПА Ј: Германија го победи Лихтенштајн, Романија славеше во Рејкјавик (видео)