Виктор Треневски, познат наш тренер, некогашен фудбалер и репрезентативец на Македонија, специјално за читателите на “Спортмедиа“, го изнесува своето стручно мислење по мечот меѓу Македонија и Ерменија. Меч кој заврши 0:0.
„Како прво морам да кажам дека бевме одлично скаутирани од страна на Ерменскиот селектор. Се виде дека си ја заврши својата работа и среќен е што освои бод со оглед на тоа дека дојде по него. Ние во првиот дел одигравме на ниво. Барди со пасовите ги разигруваше своите соиграчи. Држевме ритам, но ете не успеавме сето тоа да го материјализираме“ вели Треневски.
Затоа пак тој не е задоволен од второто полувреме…
“Секако. На моменти во нашите редови имаше тотална конфузија. Јас не знам зошто Алиоски не се задржа понапред, се виде дека делуваше опасно. Во тие моменти се виде дека Спировски и Костадинов не се играчи кои би искреирале некоја шанса. Штета за Јаховиќ. Дечкото имаше голема желба, постојано бараше празен простор, но не успеавме барем еднаш да го „запослиме“ што се вели“ продолжи нашиот стручен коментатор.
Тој смета дека се гледа дека недостигаат Пандев, Адеми, Николов…
“Зарем јас треба да кажам што значеше Пандев за нашата репрезентација. Но ќе мораме да играме понатаму без него. Тоа е. Исто недостигаше Адеми кој со својот квалитет и искуство ќе дадеше поинаков тек на натпреварот. Тука да го спомнам и отсуството на фајтерот Николов. Секогаш подготвен за да го даде својот максимум“.
Треневски вели дека генерално тој е задоволен, дека сега не треба премногу критики.
“Да не заборавиме дека ова беше првиот меч на Благоја Милевски како селектор на Македонија. Дел од играчите не се во потребната форма, на дел од нив не можеше да смета. Видете, јас мислам дека Милевски си ја знае својата работа, допрва ќе биде многу, многу подобро. Сепак штета што не победивме, оваа победа, овие три бода ќе ни значеа многу за наредните натпревари. И сосема за крај, зошто тие поединечни свирежи на Арената? Зошто? Ќе повторам, значи да не бидеме премногу критични“ заврши Треневски.