Деспотовски: Ова е кремот на Европа и најмали грешки се кобни

164

Македонската одбојкарска репрезентација почна со пораз на стартот на Европското првенство во Финска. Против домаинот на групата „Ц“, нашата репрезентација влезе во задоцнет финиш и не успеа да направи пресврт.

Сепак, играта прикажана во последните два сета, ветува дека веќе на следниот меч може да ја кренеме формата и да се обидеме да дојдеме и до првата победа.

„Мислам дека се разигравме предоцна. Финците беа послаб противник отколку пред две години кога исто игравме со нив на Европското првенство. Мислам дека сега и домашниот терен си го направи своето во некои од клучните моменти. Кикснавме во елементи, кои досега навистина не краселе. Но тоа е, сега одиме понатаму“, вели техничарот на нашата репрезентација, Филип Деспотовски.

Македонија денеска има ден за одмор и подготовка за следниот ривал. Веќе утре за нас доаѓа вториот голем предизвик во една од најквалитетните селекции во нашата група, Холандија.

„Мораме да бидеме поконцентрирани на секој следен меч. Ова не е Европска лига или квалификации за ЕП. Овде е кремот на европската одбојка. Секоја грешка и мала деконцентрација може многу да не чини. Потоа е се потешко“, дополнува Деспотовски.

Мечот со Холанѓаните го играме утре вечер од 19 часот во „Хакаметса Арена“ во Тампере. Денеска „лалињата“ го имаат својот прв меч во групата против Шпанија (19 ч.), па ќе биде потребно да се направи добра анализа на нивната игра пред утрешниот дуел.

фото: cev.eu

ПретходноБез Горан кон новиот сон – СП!
СледноМладите ги почнуваат квалификациите со тешко гостување кај Франција