Ерменија на нозе за фудбал, со приватни авиони кон Скопје

1123

“Три од три“ има Ерменија на стартот од квалификациите за СП 2022, и тоа е главната причина поради која народот во оваа земја е „заразен“ со фудбал и со сите погледи е кон Скопје и денешниот меч на нивниот национален тим. Стартуваа со победите над Лихтенштајн (0:1),Исланд (2:0) и Романија (3:2). Максимален ефект, прво место и еуфорија… Ова се трите компоненти со кои Ерменија за некој час влегува во дуелот со нашиот национален тим кој исто така е со нов селектор, со победа над Германија зад себе и шанса да се освои врвот со нова „тројка“ вечерва над стариот скопски „пациент“.

Но Ерменија не е за потценување. Можеби ние на последните два дуели славевме во Скопје, но на крајот тие беа оние кои славеа на реваншите и беа подобри во меѓусебниот дуел. Ерменците знаат дека нивниот џелат кој не им дозволи пласман на ЕП беше Чиполина од Гибралтар, во тој кошмарен меч во Ереван од Лигата на Нации кога загубија со 0:1 и така ние отидовме во плеј-офот иако бевме „убиени“ со 4:0 од Ерменија на нивни терен. Сепак да мислиме на денеска, на овој 2. септември 2021 година. Ние со нов селектор и без Горан Пандев, а тие со шпански стратег кој е главната алка на овој тим на Ерменија.

Шпанец на клупата кој ги обедини и ги смири темпераментните ерменци. Имаат тројца пожолтени играчи и еден и таа вреден во името на Норберто Бриаско кој игра за Бока Јуниорс и кој поради Ковид протоколите не може да дојде во Европа. Дека фудбалерите на Ерменија се во центарот на вниманието говори и фактот дека неколкумина бизнисмени од оваа земја или по потекло од Ерменија денеска ќе слетаат во Скопје со приватни авиони. Се очекуваат и големи награди за победа над Македонија па така нашиот денешен ривал сонува дека со максимални 12 бодови ќе оди на мегдан кај Германија во недела. За домашниот меч на 8 септември против Лихтенштајн и да не зборуваме.

Билетите се распродадени за два часа (околу 15.000 или 50% од капацитетот на Република стадионот во Ереван). Дека фудбалот во Ерменија оди напред говори и податокот дека Алашкерт е првиот клуб од оваа земја која токму ова лето обезбеди пласман во групната фаза од Конференциската лига и стана прв тим од оваа земја кој ќе игра во групна фаза. Фудбалерите во Ерменија и нивните успеси се мала утеха за нацијата која зад себе имаше воен конфилкт со Азербејџан. Она што е јасно! Нема да ни биде вечерва лесно.

Но Македонија нема друг избор освен да ги нападне трите бода ако сака да остане во игра за водечките позиции во групата и да одиме со кренати глави кон Исланд. Да се сопре феноменалниот Хенрик Мкхтаријан, а од „вардарците“ добро е тоа што Барсегјан не игра поради картони додека Хамбарџумјан да се надеваме дека ќе има лош ден.

ПретходноЃурковски ќе премине од Шкупи во Тиквеш
СледноТурците во шок: Фудбалер си ја врзува копачката, додека Црна Гора дава гол! (ВИДЕО)