Повредата на нашиот среден блокер Филип Маџунков го става под знак прашалник неговиот настап на неделниот меч со Турција од 3. коло на ЕП во Финска. Маџунков вечерва против Холандија ја обнови повредата на препоните која го мачеше и претходно, па вечерва се очекуваат лекарските прегледи кои ќе покажат дали нашиот блокер ќе може да истрча на паркетот в недела.
„Не знаеме уште колку е сериозно. Тој имаше истегнување на препоните и вечерва е на масерски третман, па потоа остаува да се види дали ќе може да игра со Турција или не“, вели генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.
За двоецот Михаилов – Илиев кои се ставени во изолација поради сомнителни Ковид-тестови, Карановиќ додаде:
„Не знам што да ви кажам. Реагиравме и кај ЦЕВ и навистина е несфатливо. Кажано ни е дека нивните резултати од ПЦР тестовите се сомителни. Не е потврдено дека се позитивни, затоа што се уште не стигнале резултатите од второто тестирање. Резултати од ПЦР тестови треба да бидат готови за 4-5 часа, но еве цел ден помина, резултати од вторите тестови нема. Во забелешката за сомнителните тестови ни беше кажано дека играчите, сепак, мора да одат во изолација, затоа што во авионот со кој сме пристигнале во Тампере на 26 август имало двајца позитивни патници. Сега останува само да чекаме. Васе и Столе се во соба затворени и чекаат резултати, а ние може само да се нервираме“.