СТРУЧЕН КОМЕНТАР/ Јошко Миленкоски: Браво Филип Савовски!

749

Анализата на натпреварите на македонската одбојкарска репрезентација на Европското првенство, за „СПОРТМЕДИА“ ќе биде под палката на долгогодишниот селектор на нашиот национален одбојкарски тим и еден од најтрофејните одбојкарски стручњаци во регионот – Јошко Миленкоски.


Македонија денеска го претрпе вториот пораз на ЕП во Финска, овој пат од еден од фаворитите во групата, Холадија. Еве ја анализата на мечот која ја подготви Миленкоски:

„Сакам да нагласам дека иако навидум Холандија почна без дел од играчите од првата постава од оној меч од 1. коло, тоа беше само привидно, затоа што оваа постава која го почна денеска мечот со Македонија, според мене, е подобра од таа која стартуваше со Шпанците што значи дека воопшто не не потцениле, туку со полн респект пристапија кон натпреварот. Всушност, кај Холандија и не може да зборувате за прва и втора постава, затоа што сите играчи се со скоро ист квалитет. Посебно ќе ги издвојам Тер Мат и Тер Хорст, кој според мене се играчи од светска класа. Тер Март, кој беше прогласен за МВП во турското првенство е и шампион на Турција со Фенербахче и Зираат, а Тер Хорст, пак, е стартер во италијанска Перуџа. 

Конкретно за мечот. Ме радува тоа што на 15:12 во првиот сет во игра влезе младиот талентиран Филип Савовски, откако Маџунков ја обнови повредата. За нас би било вистинска штета ако не може да продолжи со настапи на ова ЕП. Добро е за младиот Савовски што дебитираше на еден ваков меч и го покажа сиот свој потенцијал. Конкретно за првиот сет, Холандија имаше непробоен блок. На 21:18 ја направија првата замена со влегувањето на Абдел-Азиз и Кеминг, како и Туинстра, со што го потврдија целиот потенцијал на ростерот. Штета што на 22:20 погрешивме на сервис, можевме да имаме интересна завршница на сетот. Забележлив беше нашиот слаб напад, а и сервисот не беше на ниво. 

Тер Мат продолжи со неговите ‘бомба’ сервиси од 110 км/ч. и покажа дека е еден од најдобрите сервери во светот. Со таков сервис, Холандија секогаш беше во можнот да организира непробоен троен блок. Спротивно на тоа, нашиот неубедлив сервис овозможуваше на холандскиот техничар да организира многу брза игра и редовно нивните напади завршуваа на единечен блок и беше невозможно да се запрат напаѓачи од таква класа. Она што ме изненади е нова лоша судиска одлука и тоа на Челинџот на 7:5 за допир на блок, што не би смеело да се погреши. Вакви пропусти не се дозволиви на ЕП. На 16:15 за нас им дозволивме да освојат неколку лесни поени, а потоа со пасивен блок на Љафтов и поен на Николов фативме приклучок. Одлично сервираше Савовски, но Тер Мат со неговиот сервис им донесе серија од 5:0 која беше клучна. 

Блокот на Холандија е најдобриот елемент во нивната игра. И на стартот на третиот сет од три освоени поени, два беа на блок. Нашиот техничар поради силниот сервис на Холандија, а наш слаб прием, беше приморан да оргганизира напад со високи топки и со тоа немавме шанса против нивниот троен блок. Карактеристика на мечот беа два елементи, сервисот и блокот: перфектна Холандија и неубедлива Македонија. Браво за младиот Савовски, посебно за неговиот сервис и напад. Особено во третиот сет имаше одлични моменти на овие два елементи. Холандскиот селектор правеше по три замени и го искористи сиот потенцијал на тимот. Со 22 поени и 4 блока, Тер Мат беше играч на мечот. 

Но, и покрај поразите, сега не смее да ни паѓа самодовербата и атмосферата во репрезентацијата, затоа што како што реков и во првата анализа по мечот со Финска, за нас на ова ЕП, според мене, шансата е во натпреварите со Турција и Шпанија.“

ПретходноРаспродажба: Барса дресовите на Меси и Гризман ги продава по половина цена!
СледноВеспрем и Манасков си закажаа финале со ППД Загреб