Ракометарите на Т. Пролет претрпеа убедлив пораз во првиот од двата квалификациски меча кои во овие два дена ќе ги одигра на гости во Шпанија против екипата на Грањолерс.
На првиот дуел од квалификациите за ЕХФ Европската лига, нашиот суперлигаш беше поразен од шпанскиот тим со 36:21, со што практично остана без шанси за реваншот кој се игра утре исто на теренот во Шпанија. Уште во првото полувреме домашните беа доминантни и со предноста од 16:11 најавија дека нема да препуштат ништо на случајноста и уште вечерва ќе се обидат да го решат прашањето за тоа кој ќе мине во следната рунда.
Во вториот дел Грањолерс беше уште поубедлив, па на крајот негативата за Т. Пролет стигна и до 15 гола. Палевски и Пејовиќпостигнаа по 4 гола за Т. Пролет, додека кај Грањолерс Маркез Колома беше стрелец на 9 гола.