Одбојкарската репрезентација на Македонија е поразена и во вториот меч на Европското првенство во Финска. По стартниот пораз од домаќините, вечерва во салата „Хакаметса“ убедливо со 3:0 (25:20, 25:18, 25:22) загубивме од еден од главните фаворити во нашата група, селекцијата на Холандија.
Во првиот сет Холандија тргна многу подобро и успеа уште на почетокот да направи солидна предност (8:4). Ние успеавме некако да се соземеме и да се вратиме на само минус еден за 12:11, за подоцна да им дозволиме на „лалињата“ да се вратат со серија од 4:0 (17:13) со која практично и најавија освојување на сетот.
Во вториот сет одржувавме резултатски приклучок се до првата поголема предност на Холандија од 8:5. До прво израмнување успеавме да дојдеме на 12:12, но иако успеавме да поведеме (15:14), не успеавм да го задржиме добриот ритам и им дозволивме на „лалињата“ да се вратат во живот. Следуваше нова серија поени за 20:16, по што и комплетно паднавме за Холандија лесно да го приврши сетот до 2:0.
Третиот сет понуди одлична одбојка, но и во овој сет постојано каскавме зад ривалот. И во моменѕите кога успевавме да им се приближиме, недостасуваа поени на противнички сервис за да можеме да ги изненадиме противниците. Холандија го имаше извонредниот Вутер Тер Мат кој со својот силен сервис создаваше големи проблеми за нашиот прием. Успеавме со пожртвуваност да се одржиме во игра до самиот крај, но кога веќе стигнаа на 24:21, Холанѓаните ја искористија втората меч-топка за конечни 3:0.
Со 13 поени Никола Ѓорѓиев беше најдобар поентер во нашата селекција, Љафтов имаше 11, додека младиот Савовски и Ристо Николов реализираа по 6. Кај Холандија Тер Мат со 22 поени беше едноставно незадржлив.
За нас утре е нов слободен ден, па во недела од 13 часот играме против големото изненадување во групата Турција, која веќе нанижа две победи по првите две кола.
фото: cev.eu