Македонија утре во 18 часот во Рејкјавик, се среќава со Исланд, во меч од 5.коло во квалификациската група Ј за СП во Катар 2022 година. Исланд досега успеа да освои само три бода. Селекторот Арнар Видарсон има една нова генерација на играчи, од кои се очекува допрва да покаже што знае.
Според она што ни го пренесе Горазд Михаилов, стратегот на Силекс кој шест години беше тренер на Исланд, Исланд ќе игра во формација 4-4-2. Така барем велат информациите од неговите контакти со Исланд во последните неколку денови. Дека старниот состав за утрешниот меч ќе биде познат веројатно уште денеска. Михаилов напомена дека Исланд ја почитува и респектира нашата репрезентација, но исто така фудбалската јавност во оваа земја смета дека сепак Пандев ќе недостига многу. Исто така се смета дека Елмас, Барди и Ристовски биле нашите најопасни играчи. И тоа дека домашната репрезентација се надева дека ќе успее да ги освои трите бода, такви биле желбите на Исланѓаните.
МЛАДИОТ АНДРИ ПО СТАПКИТЕ НА СВОЈОТ ТАТКО
Инаку медиумите на Исланд посебно го потенцираат Андри Гудјонсен, младиот 19-годишен фудбалер на Реал Мадрид и велат дека од него многу се очекува на мечот со Македонија. Тој своето деби го имаше пред три дена на дуелот со Романија, кој Исланд го загуби со 0:2, но иако одигра само 15 минути покажа дека е голем талент.
Дека станува збор за квалитетен фудбалер, доказ е и тоа што Реал Мадрид го пријави во Лигата на Шампионите. Инаку тој е помалиот син на славниот Еидур Гудјонсен, кој играше во Барселона и Челзи, а сега е помошник на селекторот Видарсон. Андри има постар брат, исто репрезентативец, но Свен – Арон не се најде на списокот на Исланд за овој септемвриски квалификациски циклус.