Интересно финале во Задар, баш како што заслужува една фајнл-фор завршница. Првакот во СЕХА лига беше решен по изведување на пенали, откако дуелот меѓу ППД Загреб и Веспрем во регуларниот дел заврши 27-27.
На крајот победник излезе унгарскиот тим кој славеше со 31-29 благодарение на двата одбранети пенали на Цупара. На овој начин Веспрем дојде до четвртата титула во ова натпреварување, се доближи на една до Вардар.
Дејан Манасков мечот го заврши со два гола од четири обиди.
Се чинеше дека унгарскиот тим лесно ќе дојде до триумфот, но хрватскиот состав беше максимално мотивиран, пружи силен отпор.
Избраниците на некогашниот македонски селектор, Ивица Обрван, одлично го отворија мечот, имаа водство до пред крајот на првото полувреме, кога Веспрем серија од 4-0 поведе со 10-12, на одморот беше 13-15.
Во продолжение унгарскиот тим одржуваше предност од два гола, но ППД Загреб успеа да изедначи на четири минути до крајот за вистинска драма.
Имаше шанса Загреб да поведе, но не искористи напад, на другата страна Веспрем направи пробивање 27-27, дуелот беше решен по изведување на седмерци.
Веспрем се снајде подобро, ППД Загреб не успеа да дојде до сензација.