Што ли се случи во Рејкјавик. Од голема победа, имавме се во наши раце и нозе, имавме 2:0 до 78.минута, до мизерен бод на крајот. Исланд – Македонија 2:2. И место сигурни три бода, место сигурна победа, ние му дозволивме на Исланд да се спаси. И така нема прва победа на Исланд, нема прва победа на новиот селектор Благоја Милевски.
Едноставно самите сме си виновни. Да господариш речиси 80.минути и на крај да не победиш, е тоа е.
ВЕЛКОВСКИ “ТРЕСЕ“ ЗА НАШЕ ВОДСТВО
Иако во текот на целиот прв дел бевме подобри, доминиравме, имавме и шанси, сепак првата закана ја имаа домашните и тоа преку Гудмунсон, кој од само 5-6 метри за наша среќа беше непрецизен. Тоа се случи во првата минута. Потоа Македонија едноставно беше супериорна. Се играше 12.минута кога Алиоски иод корнер нафрли, на првата статива се најде Велковски кој со удар со глава, како само тој знае, успешно ја спроведе топката во мрежата на Рунарсон. Момците на Милевски и по тој гол беа стабилни, не му дозволуваа на Исланд да се размавне, едноставно факт е дека добро игравме, упативаме далеку повеќе удари кон голот.
Штета што на пауза не се замина барем со 2:0. Имено се играше последната минута од првиот дел кога по таа десна страна Чурлинов украде една топка, потоа му додаде на Стефан Ристовски а овој го најде осамениот Барди кој шутираше од 12-13 метри, и кога сите помисливме дека тоа е 2:0 за нас, тој негов удар во последен момент беше блокиран.
Штета.
СЕГА ЏАНИ ГАЃА ЗА 2:0…БРАВО, БРАВО…
Мирен почеток на второто полувреме. Исланд нешто се обиде, но сепак нашите момци ја конролираа играта. Мирно се играше од наша страна, комбинаторно, како што и треба кога имаш водство од 1:0. И кога си подобар, кога доминираш, тогаш јасно е дека имаш можност да поведеше и со 2:0. И така беше, и тоа во 54.минута. Алиоски си се намести прецизно шутираше во долниот лев агол за 2:0.
БРАВО МОМЦИ, БРАВО ЏАНИ.
И по тој гол, и тоа водство ништо не се смени на теренот. Повторно Македонија доминира, едноставно господаревме на теренот. Добра, одлична Македонија. Само така да продолжиме. Во 60.минута домашните направија три замени. А во 63.минута Исланд постигна гол, но беше поништен поради офсајд. Тоа го потврди и ВАР. Останува нашето водство од 2:0.
ШОКАНТЕН ФИНИШ…
Факт е дека по 70.минута Исланд тргна со сите сили. И успеа да намали во 78.минута. Прво Гудмундсон шутираше од слободен удар од 25 метри. Столе ја одби таа топка, одбраната киксираше, ја немаше никаде, натрча Бјарнасон и погодува за 1:2. И ВАР потврди,
Штета. Што ли му требаше на Костадинов да прави фаул.
Не помина долго, Трајковски ја погодува стативата.
И тоа не е се, само што влезе Андре Гудјонсен постигнува гол за 2:2. Што ли прави нашата одбрана во таа 84.минута.
Во 94.минута имавме супер шанси за победа. Чурлинов и Јаховиќ но немаше гол.
Квалификации за СП 2022 – група Ј
ИСЛАНД – МАКЕДОНИЈА 2:2 (0:1)
Стадион: „Лаугардалсволур“ во Рејкјавик. Судија: Иван Кружлиак (СВК). Стрелци: Бјарнасон 78., Гудјондсен 84. (ИСЛ), Велковски 12., Алиоски 54. (МАК). Ж. Картони: Севарсон, Гумдундсон (ИСЛ), С. Ристовски, Спировски (МАК).
ИСЛАНД: Рунарсон, Севарсон, Арнасон, Б.И. Бјарнасон, Тораринсон (66.Скуласон), Балдурсон (60. Хелгасон), Б. Бјарнасон, Јоханесон (82. Гудјондсон), Андерсен (60. Торстенсен), Кјартасон (60.Сигурдсон), Гудмундсон.
Селектор: Арнар Видарсон.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Велковски (90; Ристевски), Муслиу, Алиоски, Спировски, Костадинов (80. Јаховиќ), Барди (72. Трајковски), Елмас, Чурлинов, М. Ристовски (80. Аврамовски).
Селектор: Благоја Милевски.