СТРУЧЕН КОМЕНТАР/ Јошко Миленкоски: Можеме и мораме многу подобро

540

Анализата на натпреварите на македонската одбојкарска репрезентација на Европското првенство, за „СПОРТМЕДИА“ ќе биде под палката на долгогодишниот селектор на нашиот национален одбојкарски тим и еден од најтрофејните одбојкарски стручњаци во регионот – Јошко Миленкоски.


Иако нашите надежи за прв успех на ова европско првенство беа во денешниот меч со Турција, нашата селекција повторно поразена со убедлив резултат. Еве што вели Миленкоски во својата анализа на средбата:

„Турција денеска влезе многу мотивирано. По говорот на нивните тела и реакцијата на селекторот се забележуваше дека сакаат реванш за поразот во јануарските квалификации, особено што убедливо ги надигравме и бевме навистина надмоќни.

Тие на ова првенство се дојдени без голем дел од најдобрите постари и искусни одбојкари, но според мене тоа е извонреден потег на турската федерација. Досега Турција го имаше најголемиот успех на ЕП 2017 во Полска, во време кога јас ја водев турската репрезентација, но, претпоставувам дека на ова ЕП ќе го надминат тој резултат. Не е далеку денот кога оваа млада генерација ќе се замеша во борбата за медал на европско првенство.

Конкретно за мечот. Првиот сет беше голема шанса. Турција се обидуваше со агресивен сервис да не нападне, што резултираше со голем број на грешки, вкупно 9, а нашата репрезентација држеше резултатски приклучок и со 4 блока во самата завршница на Никола и Ѓорѓи Ѓорѓиев (за жал единствени во телот на целиот меч) можевме да влеземе во неизвесна завршница. Имавме и контра на 23:22 за изедначување, но не успеавме. За жал тоа беше се што направивме на овој натпревар.

Во продолжение во вториот сет се случи несфатлив пад во играта и несфатлив лош почеток од 6:0 за Турција. Потоа 10:3, при што моравме да ги искористиме двата тајм-аути. Потоа следуваа оние неверојатни 17:4. Влеговме во голема апатија. Сервисот на Турција проработе, а тоа е еден од нивните најдобри елементи во играта (7 директни поени). Единствено позитивно беше влегувањето на младиот Лука Костиќ кој доби шанса да почувствува како е да се игра на едно ЕП и да стекне поголемо натпреварувачко искуство.

Во третиот сет Турција отвори без дел од најдобрите играчи. Турскиот селектор е склон на такви експерименти, што ни одеше во прилог. Тоа беше убава прилика која ни донесе добар почеток на сетот, но само до 10 поен и наше водство од 10:8. Потоа се беше реприза на вториот сет. Со несфатлива серија од 12:0 Турција дојде до 20:10. Карактеристично за третиот сет беше тоа што не успеавме да постигнеме поен од блок и само еден директен поен (ас) за разлика од Турција која имаше 7 блокади и 8 директни поени.

Ако ја погледнеме статистиката ќе видиме дека Турција беше двојно подобра во сите параметри. Пример, тие имаа 9 блока (по сетови 2+3+4), ние само 4 (сите во првиот сет). Нападот им беше со 54% ефикасност (по сетови 45-52-62), ние поразителни 29% (26-28-33). Сервисот на Турција донесе 10 директни поени (7 само во вториот сет), ние имавме 4 аса. Од сите овие параметри се гледа дека Турција во секој нареден сет во голем процент ја подобруваше својата игра и статистика.

За крај, она што е важно да се каже, е дека на ова ЕП ќе има репрезентации кои ќе останат без ниту една победа. Затоа е битно да се победи барем еднаш. Во ваква констелација на односите, треба да бидеме среќни ако имаме шанса да бидеме подобри од некого. Сепак, ова е ЕП и тука се најдобрите репрезентации. Утре, Шпанија мора да падне“.

ПретходноИџе заврши како шести на Имола!
СледноОФИЦИЈАЛНИОТ СОСТАВ: Милевски ги „измеша“ картите, две измени и неколку рокади