Традиционално по 9. пат одржана Авицена Женската трка

250

Сојузот на спортови на Скопје, под покровителство на Град Скопје, денес го одржа деветтото издание на Авицена Женската трка. Како низ годините, така и денес, учесничките успеаа да го исполнат Градски Парк и Град Скопје со спортски дух и позитива. Трката се трчаше според протоколот и препораките одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Трката со години е инспирација за жените од сите возрасти, – за започнување со трчање, тренирање и практикување на здравите навики. Секојдневното брзо живеење не нуди многу слободно време, но учесничките докажаа дека со добра организација и со желба може да се практикува поздрав начин на живот.

„Авицена Женската трка и оваа година ја пренесе пораката дека здравиот начин на живот е најважен. Горда сум дека веќе 9-та година по ред успеваме да мотивираме голем број на жени, љубители на спортот, да излезат и да трчаат во името на здравиот живот. Авицена Женската трка дефинитивно препрасна во една традиционална спортска манифестација, со што искрено се надевам дека бројот на учеснички на следното јубилејно издание ќе биде уште поголем“, изјави Гордана Николовска од Сојуз на Спортови на Скопје.

Учесничките на Авицена Женската трка трчаа 3 километри, а стартот и целта на трката беа во Градски парк, на крајот на вториот дел, позади бараките на ЈП „Паркови и зеленило“, во близина на памп трак полигонот.

Оваа година, од вкупниот број учесники прва до целта пристигна Биљана Кираџиева за 11 минути и 4 секунди, второто место ѝ припадна на Душица Јанковиќ со 12 минути и 6 секунди и на трето место се најде Вера Урдаревска, која ја истрча патеката за 12 минути и 14 секунди.

Покрај наградените први три учеснички, награди добија и најдобрите натпреварувачки во 7 одделни возрасни категории во кои беа поделени учесничките. По прогласувањето на најдобрите учеснички следуваше лотарија со извлекување на стартни броеви и најсреќните се здобија со подароци од партнерите на Авицена Женска трка 2021.

Авицена Женска трка и оваа година покажа дека спортската култура се зголемува од година во година и дека сè поголем број на жени го прифаќаат здравиот начин на живеење.

ПретходноАнсу Фати се враќа до крајот на месецот
СледноМилевски од “втора“ сака деби победа со А-тимот!