Нашата најдобра фудбалска репрезентација вчера на Исланд одигра само 2:2. Велиме “само“ зошто до таа 78.минута имавме водство од 2:0, речиси бевме перфектни, одлични, прашање беше со колкава разлика ќе победиме. Потоа се случи тоа што се случи и на крај мечот заврши со реми. Загубени се два драгоцени бодови.
Самиот резултат и не е така катастрофален, посебно ако се знае дека ние никогаш досега го немавме освоено Рејкјавик, па дури и кога имавме подобра репрезентација. Сепак, боли тоа што одличното издание на момците на Благоја Милевски до таа 78.минута не беше ефектуирано со три бода.
И треба да жалиме.
ВЛЕГУВАМЕ ВО ЛОША СЕРИЈА
Со ова реми и дефинитивно влегуваме во лоша серија. Имено ние пет меча по ред не знаеме за победа. Тука не ги сметаме подготвителните мечеви со Словенија (реми) и со Казахстан (победа) за ЕУРО 2020. Па така од епската победа над Германија во Дуизбург на 31 март, ние не сме победиле, ги сметаме само официјалните мечеви.
А одтогаш па наваму сме играле со Австрија (1:3), Украина (1:2), Холандија (0:3) по водство на Игор Ангеловски, потоа со Ерменија (0:0) и со Исланд (2:2) под водство на Благоја Милевски. Тоа се пет меча, три порази со Ангеловски и две ремија со Милевски.
Секако дека не е за пофалба, посебно не откако сега цела јавност, по пласманот на ЕП, бара од оваа репрезентација само победи и добри игри. Барем со репрезентации како што се Ерменија и Исланд.
Да се надеваме дека против Романија во среда, во меч од 6.коло во квалификациската група Ј за пласман на СП во Катар 2022, ќе успееме да ја прекинеме оваа серија без победа. Која еве трае повеќе од пет месеци.