СТРУЧЕН КОМЕНТАР/ Јошко Миленкоски: Ја имавме Шпанија, но…

1104

Анализата на натпреварите на македонската одбојкарска репрезентација на Европското првенство, за „СПОРТМЕДИА“ ќе биде под палката на долгогодишниот селектор на нашиот национален одбојкарски тим и еден од најтрофејните одбојкарски стручњаци во регионот – Јошко Миленкоски.


Бевме на добар пат да ја прославиме првата победа на ова Европско првенство, но Шпанија успеа да не добие во четири сета. Ова е анализата на мечот на Миленкоски:

„Шпанија во моментов не е одбојкарска сила, но во спортот е велесила и победа на секоја наша екипа во кој било спорт е подвиг. Тие се поранешни европски шампиони во одбојка под водство на Андреа Анастази. Инаку, на лицата на нашите одбојкари пред мечот се виде желба и мотив за победа и навистина не знам од каде ја црпат таа енергија што е за респект.

За мечот би кажал дека и покрај лошиот почеток и 6:3 за Шпанија, со два пасивни блока, одбрана, контранапад и напад се вративме во игра и поведовме со 7:6. Во тој период ја допиравме скоро секоја топка со пасивен блок и често ги реализиравме контранападите. Можеби една од причините е и тоа што шпанскиот блок не е на нивото на претходните противници. Никола Ѓорѓиев имаше 100% реализација, а како друга карактеристика ќе издвојам и тоа што Шпанија недозволиво многу грешеше на сервис, што нам ни одеше во прилог. Првиот ас за Шпанија беше на 12:11 за Македонија. Тука реализиравме некои тешки топки, но од 16:13 до 16:16 имаше пад на концентрација и лесни поени за Шпанија. Тие почнаа да сервираат со намален ризик и тоа успешно го користевме да го зголемиме процентот на реализација на нашиот напад. При крајот на сетот ми се допадна потегот на селекторот кој ги пушти в оган младите Костиќ и Савовски, со цел да се зајакне блокот што резултираше со освоен поен. За жал, по 29 минутна борба го загубивме првиот сет и покрај 16 поени од напад, 1 блок, 6 грешки на Шпанија, како и добар процент на позитивен и идеален прием (38%+19%), а имавме и 50% реализација во напад.

Во вториот сет селекторот почна со Деспотовски и Савовски. Шпанија продолжи да сервира со намален ризик, а тоа ни помогна да ја забрзаме играта и често напаѓавме на единечен блок, а тоа е и суштината на нападот во одбојката. Шпанија во завршницата на првиот сет го освои најдолгиот поен кој траеше 20-тина секунди, а Македонија во 2 сет го освои најдолгиот поен кој траеше 19 секунди, што ни овозможи да направиме резултатски пресврт во првиот дел од сетот. Знаеме дека такви поени ја креваат самодовербата и стигнавме до 14:11. Во неизвесна завршница со грешки на двете страни, бевме поуспешни и за среќа Шпанија повеќе грешеше по 20-от поен со што успешно го добивме сетот во наша полза.

Третиот сет го почнавме трпеливо иако Шпанија имаше предност од 3 поени (12:9). Штета што 2-3 топки во заштита на напад не ги претворивме во лесни контранапади. По 20 поен имавме некои несфатливи грешки. Го прокоцкавме водството од 24:22 и две сет топки и резултат на тоа беше несреќно загубен сет и покрај 11 директни грешки на Шпанија. 

Почетокот на четвртиот сет беше ист како и на досегашните мечеви на ЕП. Се предадовме по неколку воведни поени. Селекторот се обидуваше со замени да го прекине ритамот на противникот, но тоневме се подлабоко како одминуваше сетот и на крајот убедливо го загубивме. 

Голема штета е што не резултираше со победа најдобрата средба која на ова ЕП ја одигра капитенот Ѓорѓиев. Тој заврши со 26 поени (1 блок и 25 поени од напад) со 52% реализација на напад.“

ПретходноФранцузите нас не прегазија, но не ги победија Фарските Острови!
СледноУС Опен: Зверев демонстрира сила, ја врза 15-тата победа