МАКЕДОНИЈА – ШПАНИЈА 1:3 (23:25, 25:21, 28:30, 15:25)
Македонската одбојкарска репрезентација го загуби и четвртиот меч на Европското првенство во Финска. Во меч против ривал од наш калибар, избраниците на селекторот Николиќ се поразени во четири сета, во меч во кој реално, пропуштивме големи шанси и за победа.
Двете селекции почнаа со израмнета борба. Уште првиот сет покажа дека ќе гледаме долг и неизвесен меч. Шпанците поведоа на стартот, но ние успевавме да се одржуваме во егал и да дојдеме до предност на 8:7. Добрата игра продолжи се до 16:13, кога изгледаше дека ја правиме клучната предност за почетно водство на мечот. Но кога најмногу требаше, не успеавме да ја одржиме разликата. Шпанците прават пресврт за 21:20 и потоа до крајот на сетот успеаја да одиграат многу подобро во нападот и да стигнат до 25:23 и да поведат со 1:0.
Во вториот сет со влегувањето на Деспотовски значително се подобри играта во нашиот напад. Сигурните реализации на Милев, Н. Ѓорѓиев и Љафтов не ставија во ситуација да го диктираме темпото и да го прекршиме мечот во самиот финиш. Ние стигнавме до 21:20, а потоа и до серија од 4:0 за израмнување на 1:1.
Третиот сет го имавме во рака. Одигравме одлично, во завршницата, откако Шпанците водеа со 16:11. Стигнавме први до две сет-топки на 24:22, но не успеавме да ги претвориме во освојување на сетот. Шпанците израмнија на 24:24, и по неколку промени во освоените поени, тие први стигнаа до плус 2 и 30:28 за предност од 2:1.
Четвртиот сет го почнавме очајно. Шпанија ги искористи сите наши грешки во играта во поле и нанижа предност од 7-8 поени. Откако малку се стабилизиравме, успеавме да спуштиме на минус 5 (18:13), но не успеавме да се вратиме со подолга серија. Шпанција се врати на 21:14 и веќе беше јасно дека пропуштивме уште една шанса за прва победа на ова Европско првенство.
Никола Ѓорѓиев го одигра својот најдобар меч на ова ЕП и заврши со 22 поени, додека Љафтов имаше 12. Ваљена со 23 поени беше најдобра кај Шпанците.
За Македонија останува само уште мечот со Русија в среда, со оглед на тоа што веќе одамна ги загубивме шансите за место во следната фаза.
фото: cev.lu