Претседателот на Фудбалската федерација на Грција Тео Загоракис поднесе оставка од функцијата и тоа по само пет месеци откако беше назначен за прв човек на грчкиот фудбал. Капитенот на грчката репрезентација која го освои ЕП 2004 година и втор на листата по број на настапи за националниот тим не ги откри причините за заминувањето.
Но според локалните медиуми, 50-годишниот поранешен фудбалер не можел да ги изржи „внатрешните ривалства“ за контрола на Федерацијата поради кои не може да ги иплементира препораките добиени од УЕФА и ФИФА.
Се очекува по вечерашниот меч со Шведска, Загоракис да ја достави оставката до одборот на директори, а од таму според статутот, потпретседателот Панајотис Димитриу може да ги извршува должностите на претседателот извесен период до распишување на нови избори.
Инаку Загоракис победи на изборите со 66 гласови од можни 68. Тој доби поддршка од главните грчки клубови Олимпијакос, Панатинаикос, ПАОК и Арис…