Стручен коментар – Мирсад Јонуз: Станавме стручњаци за реми!

2565

Мирсад Јонуз, еден од нашите најпознати тренери останува и натаму единствен селектор кој ја победил Романија, и тоа пред 11 години во пријателски меч. Тој специјално за читателите на Спортмедиа од стручен агол ќе го искоментира вечерашниот меч меѓу Македонија и Романија, кој заврши без голови.

Евидентно е дека станавме стручњаци за реми. Романија дојде во Скопје да не загуби, да освои бод и ја оствари целта. Ние одигравме подобро прво полувреме, ја имавме играта, имавме и неколку полушанси, но ете не успеавме да ја материјализираме таа надмоќ. Во второто полувреме, посебно по таа 65 минута се виде дека паднавме“ вели Јонуз.

Тој причината за тој пад ја гледа во тоа што за шест-седум дена одигравме три тешки меча.

Па мора селекторот да има поголем фонд на играчи. Не смееме да си дозволиме да одиграме три меча со само 13-14 играчи. И затоа падот на играта во последните дваесетина минути вечерва беше очигледен. Видете и дефинитивно е дека нема играч за врска, индивидуалец, кој ќе го реши мечот. Да, тоа се Барди и Елмас, ама со еден Адеми позади нив. Тешко е да се издржи да играш во два правци на сите три меча. Ние на сите три меча покажавме дека нема играч кој ќе создаде идеална шанса, кој ќе протури што се вели, или кој ќе постигне гол од никаква шанса“.

Јонуз смета дека и крилата требаше да упатат далеку повеќе центаршутеви..

Па тоа се гледа од авион. Ако ти инсистираш на помалиот Ристовски и Јаховиќ во шпицот како робусни офанзивци, тогаш треба постојано да ги храниш со топки. Најмалку се потребни по десет центаршутеви до нив двајца во казнетиот простор. А нив реално ги немаше. Секако дека со Адеми ќе биде подобро, барем јас така мислам. Интересно е тоа што откако нашиот напаѓач ќе ја примеше таа прва топка, ние ја губевме, а на вакви мечеви со вакви репрезентации тоа е пресудно, да се има втора топка. Тоа мора да се поправи“.

Инаку нашиот стручен коментатор смета дека вечерва Романија како никогаш била послаба..

Да, видовме една од најслабите репрезентации во последно време кои гостувале во Скопје. Мене навистина не ми е јасно како тие досега собраа десет бода во нашата група. Генерално по овие три меча можам да кажам дека сме во минус најмалку со два бода во овој септемвриски циклус. Со тие два бода сега ќе бевме втори. Сепак има уште четири меча до крајот на квалификациите, шансите, иако намалени, сепак се тука за добар пласман во нашата група“ заклучи Мирсад Јонуз.

ПретходноМилевски: На овие три меча Македонија одигра најдобар фудбал во историјата
СледноГерманија лесно мина во Рејкјавик, Италија со „петарда“, триумф на Шпанија во Приштина (ВИДЕО)