Е.Пелистер 2 и официјално ги претстави своите две последни засилувања, Емилијан Ѓоргоски и Димитар Димитриоски.
19-годишниот Ѓоргоски доаѓа од Голден Арт и се обрврза на договор на три сезони. Минатата сезона играше во Суперлигата за првпат во кариерата, а ја искуси и репрезентацијата.
„Овој предизвик го одбрав, бидејќи повторно сакав да играм во Суперлига, наместо да се вратам во Првата лига. Затоа и го напуштив Голден Арт КЛ7. Еурофарм Пелистер ми понуди добар договор и добри услови и спремен сум да дадам сè од себе да влеземе во разигрувањето.
Засега сум презадоволен од овој предизвик. Турнирот во Прилеп го одигравме максимално и спремни сме за Суперлигата. Се надевам дека ќе влеземе во плеј-офот“, изјави Ѓоргоски.
Димитриоски доаѓа од Вардар 1961 и потпиша договор на една сезона. Тој зад себе има настапи и во евро-куповите и на големите национални приредби во дресот со државниот грб.
„Мило ми е што сум тука во Битола. Еурофарм Пелистер има големо реноме во македонскиот клупски ракомет. Првите импресии се дека имаме одлична млада екипа, со дел искусни играчи. Мислам дека добро ќе напредуваме во текот на целата сезона и ќе го оствариме тоа што го зацртавме“.
Двајцата ќе дебитираат за новиот клуб против Е. Пелистер во првото коло од новата Суперлига (в четврток во 17:00 часот).