Милевски: На овие три меча Македонија одигра најдобар фудбал во историјата

2012

Селекторот Благоја Милевски прес-конференцијата по мечот со Романија ја почна со сочуство до жртвите во несреќата во Тетово.

„Сакам прво да изразам сочуство на семејствата на жртвите од трагедијата во Тетово од мое име и од името на целиот тим“, рече селекторот.

Милевски истакна задоволство од резултатите на националниот тим на трите натпревари откако е тој на чело на Македонија. Предводникот на националниот тим кажа дека и теренот бил катастрофа и срамота е да се играат вакви мечеви.

„Без разлика на се, Македонија што покажа на овие три меча, во историјата вака нема одиграно репрезентацијата. Немам ама ниту една замерка на ниту еден играч, не само што дадоа максимум, туку одиграа фудбал кој е задоволство да се гледа. Секоја чест за момците, а тоа што немавме и реализација. Имавме безброј ситуации еден на еден, тој дел од секунда, и сега мора да го напоменам состојбата на теренот, но искрено е срамота да се играат вакви натпревари на таков терен. Затоа уште една пофалба за моите играчи и за селекцијата на Романија што го покажаа на овој натпревар“, рече Милевски кој напомена дека и натаму остануваат шансите за второто место.

„Шансите мислам дека нема потреба да се зборува, има уште четири меча. Оваа група до последниот натпревар нема да се знае барем за тоа второ место, и мислам дека секој нареден меч треба да ни биде најважен, а за она како ќе се заврши, мислам дека до последното коло со Исланд се надевам дека ќе останеме конкурентни. Овие момци со она што го покажаа на овие три натпревари заслужуваат поддршка во секој момент. Мислам дека можевме да имаме уште плус четири бода од овие три меча. Не можам да бидам незадоволен од момците. Освен оној психолошки момент во последните 15 минути кој го имавме со Исланд. Видовме  вечерва уште поофанзивна Македонија, поразиграна, но за жал не реализиравме“, кажа Милевски.

Уште еднаш селекторот напомена дека сите кои заслужуваат да бидат дел од репрезентацијата, се тука.

„Момците одиграа одлично, а тоа што не победија има и други фактори. Кога ќе се заврши сето ова, ќе направиме анализа. Дали ни фали еден вистински напаѓач? Во моментов мислам дека се сите тука што заслужуваат да бидат и сето она што го имаме во моментов е тука“, коментираше Милевски кој подели комплименти и за Романија.

„Романија покажа дека е квалитетна репрезентацијам цврста селекција. Романија, Ерменија, ние и исланд сме израмнети и тука ќе се бара патникот за второто место“. 

Милевски кажа дека не чувствува притисок од јавноста после само освоените три бода од можните девет.

„Јавноста треба да биде задоволна затоа што гледа квалитетен фудбал. Мислам дека овој правец треба да се задржи и во иднина, а резултатите неминовно ќе дојдат“, рече селекторот. 

ПретходноРадои: Имавме две цели вечерва, дојдовме само до едната
СледноСтручен коментар – Мирсад Јонуз: Станавме стручњаци за реми!