Новата фудбалска ѕвезда Душан Влаховиќ беше креатор на победата на Фиорентина на гостувањето кај Аталанта со 2:1 во италијанското првенство. 21-годишниот српски напаѓач ги постигна двата гола и сега има 20 гола во календарската 2021 година. Само тројца фудбалери од топ 5 првенствата имаат повеќе од него Левандовски (30), Меси (23) и Халанд (22).
Иако беше цел на врвни европски клубови ова лето, Влаховиќ одлучи да остане во Фиренца и е воодушевен од тоа како тренерот Винченцо Италијано ја трансформира екипата.
„Откако почнавме да работиме со тренерот Италијано верувавме во себе и во екипата. На почеток сме на проектот и мораме да работиме напорно, да го слушаме „шефот“, да играме како тим и да се надеваме на убави нешта. Јас лично продолжувам да работам како досега, со голема посветеност и одговорност. Се уште собирам искуство. Знам за интересот на многу клубови во текот на летото, а неколку пати кажав и ќе кажам повторно, решив да останам во Фиорентина и никој нема да одлучи во мое име. Млад сум, моето време допрва доаѓа, а јас треба да продолжам да работам најдобро што знам. На крајот на сезоната ќе видиме дали сум бил во право што го послушав срцето“, изјави Влаховиќ.