Ема Радукану е новата тинејџерска тениска сензација. Дебитираше на големиот УС Опен со 18 години и го освои без да загуби сет. Одигра 10 натпревари и сите ги победи и стана втората најмлада тенисерка која освоила Грен слем турнир по Марија Шарапова која со 17 години го освои Вимблдон во 2004 година. Исто така е втората тенисерка во историјата која триумфирале на „Флешинг медоус“ без загубен сет по Серена Вилијамс во 2014 година.
Тинејџерката си освои и 1,8 милиони фунти парична награда за титулата во Њујорк, а притоа ја крена Британија на нозе. Таа е првата Британка со триумф на женскиот УС Опен по Вирџинија Вејд која успеа да победи во далечната 1968 година!
„Сонував да победам на Грен слем турнир. Кога стартував како мало девојче сонував за победнички момент, да славам со својот тим, да најдам пат до блескаво одличје. Го фатив трофејот и не сакам да го пуштам“, изјави Радукану.
„Ова е доказ дека секој тенисер(ка) која ќе учествува на турнир има шанса да го освои. Се надевам дека оваа моја приказна ќе биде инспирација за многумина кои се занимаваат со тенис. Да бидам искрена, не чувствувам притисок. Имам 18 години и само што стапнав на големата сцена. Така и играв овде во Њујорк – апсолутно без никаков притисок. Тоа ми го донесе овој трофеј и мислам дека не треба да менувам ништо на наредните турнири на кои ќе учествувам“, додаде младата тенисерка.
Радукану е родена во Онтарио, Канада но има и британско државјанство и настапува за Британија. Инаку татко и е Романец, а мајка и Кинеска. Тие живееле во Букурешт, па прво се преселиле во Канада каде што е родена Радукану, а кога таа имала две години се преселиле во Англија откако добиле работна виза. Радукану почнала да игра тенис на пет години.
Оваа година дебитираше на Грен слем турнирите. Со вајлд карта влезе на Вимблдон и стигна до четвртата рунда. Меѓутоа нејзиниот неверојатен подем на УС Опен долго ќе се памети.
Пред УС Опен нејзините триумфи беа во ИТФ категоријата и тоа турнирите во Тибериас, Израел и Анталија, Турција во мај и октомври 2018 година како и турнирот во Пуне, Индија во декември 2019 година. Во август оваа година играше во финалето на ВТА турнирот во Чикаго но изгуби од Клара Томсон.