Бразилскиот фудбалски клуб Коринтијанс се согласи да го одложи дебито на поранешниот играч на Арсенал и Челзи, Вилијан, откако здравствените власти во Бразил се заканија со казни, доколку тој не го заврши 14-дневниот карантин по пристигнувањето од Англија.
Вилијан пристигна во Бразил на 1 септември и тренираше со тимот, а вчера требаше да дебитира против Атлетико Гојаненсе. Бразилскиот здравствен регулатор изјави дека играчот се согласил да влезе во Бразил и да биде ставен во карантин 14 дена бидејќи пристигнал од Англија.
„Од почетокот на пандемијата, клубот секогаш ги следеше санитарните правила воведени од различни здравствени власти, дури и кога некои од нив се збунувачки. Затоа, ние без сомнение ќе се придржуваме”, рекоа од Коринтијанс во изјава на неколку часа пред натпреварот во неделата.