Пролет одлично ја стартуваше новата сезона, триумфирајќи на гостувањето против Металург, прва победа на нашиот клуб во Автокоманда во елитното македонско ракометно друштво.
Жарко Пејовиќ како најискусен ја презеде одговорноста кога беше најважно, со два гола во завршницата ставајќи печат на заслужениот триумф.
„Секако дека мораме да бидеме задоволни, не е мала работа да се победи Металург во Автокоманда. Без разлика со каков тим настапува, Металург е клуб со победнички менталитет кој ќе стори се за да стигне до триумф, како што се покажаа и против нас. Одолеавме на тој притисок, заслужено победивме и освоивме значајни бодови на овој тежок терен. Можеби се очекуваше и подобра игра од наша страна, но секој почеток на сезоната е тежок, секогаш е потребно време за да се влезе во ритам. Јас верувам дека се наоѓаме на вистинска патека и дека во иднина и ќе победуваме и ќе играме уште подобро“, вели Пејовиќ.
Пред Пролет сега се две средби на кои избраниците на Бошковски ќе ја имаат фаворитската улога, в среда се гостува на новиот суперлигаш Скопје, а викендов ќе го играме и првиот домашен дуел сезонава, против екипата на Прилеп.
„Ќе се игра со засилено темпо, но тоа се две средби кои според прогнозите би требало да бидат нешто полесни од останатите. Секако дека ќе сториме се за да победиме и да влеземе со три победи во новата сезона пред гостувањето против Еурофарм Пелистер 2, дуел што ќе биде исклучително тежок не само за нас туку и за сите други екипи од Супер-лигата. Ние ќе се фокусираме на нашата игра, ние повозрасните ќе дадеме свој придонес и ќе помогнеме со искуството, а оние помладите треба што поскоро да дадат уште поголем придонес бидејќи ракометот е колективен спорт и ние ќе успееме да го оствариме зацртаното само ако сите дадеме се од себе“, порачува искусниот црногорски интернационалец.