Струга Трим Лум и оваа сезона, под водство на стратегот Срѓан Захариевски, игра добро, победува, освојува бодови. Секако, некогаш и на “мускули“ како што тоа беше вчера протв Скопје, но некогаш потребно е и да те “посака“ што би рекле играчите и тренерите.
Струга Трим Лум во шесте одиграни кола во тековната сезона во ПМФЛ е единствена екипа која нема пораз. Секако дека се наоѓа при врвот на табелата, а на кое место ќе заврши во пресрет на наредното седмо коло ќе зависи и од утрешното дерби меѓу Шкупи и Шкендија.
Интересно, Струга Трим Лум за последен пат е поразена во ПМФЛ на 20 март оваа година и тоа во Струмица од Академија Пандев со 3:1.
Од тогаш па наваму, моцмите на Захариевски одиграа 15 мечеви во првенството, имаат 10 победи и пет ремија со гол разлика 23:8. Значи тие не знаат за пораз точно 183 денови или шест месеци.
Се разбира дека ова е големо достигнување за тимот на Струга Трим Лум, кој и оваа сезона атакува и тоа со право, на оние места кои водат во Европа.