Хотелот „Холидеј Ин“ во Белград вчера беше местото на одржување на традиционалната судиска клиника на АБА лигата. На овој судиски собир беа присутни и македонските судии кои се на официјалната листа на менаџментот на АБА лигата, Александар Давидов, Боро Антовски и Владимир Крстевски, како и Петар Денковски односно Александар Милојевиќ, кои пак во сезоната која следува, ќе бидат во улога на супервизори (контролори) на натпреварите од регионалната лига.
Во улога на гостин-предавач на оваа клиника, беше шефот на стручниот штаб на екипата на Мега, Владимир Јовановиќ.
Овој собир беше и последниот пред официјалниот старт на новата натпреварувачка сезона во натпреварувањата организирани од страна на АБА лигата, чиј раководен тим, предводен од спортскиот директор Милија Војиновиќ, и судискиот дел: Драган Медан, Андреј Јершан и Саша Маричиќ им посакаа успешна година.
Регуларниот дел од сезоната ќе почне на 24.септември, а дел од АБА 2 лигата во сезоната 2021/2022 ќе бидат и нашите двајца претставници, екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер.