Вардар 1961 утре на гостувањето кај Елверум ја почнува новата сезона во Лигата на шампионите. Веселин Вујовиќ за оваа средба нема да ги има на располагање сите сили, во Скопје покрај Ристовски, остана Кудуз, кој има повреда, а ќе го нема ниту Гурбиндо.
Иако за шпанскиот ракометар има најави дека ќе си замине, сепак ниту Вујовиќ не ја открива причината поради која Гурбиндо останал во Скопје. Предводникот на актуелниот македонски првак поради проблемите со составот, не тврди дека Вардар е фаворит.
„Патуваме за Норвешка каде исто така треба да ги испочитуваме сите Ковид протоколи, а потоа и да играме со екипа која мислиме дека можеме да ја победиме. Јас се уште не ја знам вистинската сила на мојот тим. Не играњето на Ф4 во СЕХА лигата и два силни меча против европски екипи не ми даваат показател за тимот. Особено што во тимот нема да ги имаме ниту Кудуз ниту Гурбиндо кои сезонава веќе играа на неколку натпревари. Едниот поради повреда, другиот поради некои други причини. Тука се браќата Њокас, кои сепак ќе имаат само еден тренинг и не знам ни во каква физичка кондиција се. Се среќаваме со екипа што игра врвен ракомет како и сите нордиски екипи, играат модерно, доста трчаат, имаат креативни играчи. Ќе биде тежок натпревар. Би било добра првиот чекор во ЛШ да го почнеме со победа, но во овој момент навистина не можам да кажам дека Вардар е фаворит на овој натпревар, иако имаме свои адути и свои шанси и ќе сториме се да го добиеме натпреварот во Норвешка“, изјави Вујовиќ.